Во пресрет на најавениот ребаланс на Буџетот на Град Скопје, советничката група на СДСМ испраќа порака дека ќе настапи рационално и одговорно. Поддршката за ребалансот, велат, не произлегува од согласување со политиките на градската власт, туку од потребата да се обезбеди непречено функционирање на јавните претпријатија и да се заштитат граѓаните и вработените. Во разговорот, СДСМ отвара и теми поврзани со новогодишното украсување, отпуштањата на вработени, акцијата „72 часа за чисто Скопје“ и приоритетите за буџетот во 2026 година, нагласувајќи дека ќе биде конструктивна, но будна опозиција — со фокус на отчетност, функционалност и паметно трошење јавни пари.
-Го имаме видено ребалансот на буџетот. Како советничка група ќе го поддржиме, затоа што, пред се, тој е неделив, не можеме да одредиме кои од средствата што се дел од ребалансот и за која намена ќе ги прифатиме, а за која не. Меѓутоа, еден дел од ребалансот се однесува на брзо санирање на некои ситуации, особено во јавните претпријатија – како што е недостигот на средства во јавниот превоз и платите на дел од вработените во јавните претпријатија. Со цел да не предизвикаме негативни импликации и штета директно по фамилиите и по вработените, а и во зимски услови да овозможиме да не се блокира процесот на нормално течење на јавниот превоз, а со тоа и да се придонесе кон намалување на загадувањето, ќе го поддржиме ребалансот, вели во разговор за „Локално“, координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Катерина Цаневска.
Меѓутоа, додава советничката, дека нотираат одредени ставки со кои не се согласуваат – особено тоа што, во услови кога претпријатијата се во загуба, се предлага јавна набавка и средства за агенција за привремени вработувања, што е дополнително оптоварување и, според нив, се однесува исклучиво на кабинетот на овој новоизбран градоначалник.
-Сметаме дека тоа не е приоритет. Сепак, буџетот е така направен што не може да се одделат тие ставки од останатите, кои, веројатно, се приоритети до креирање на новиот буџет, посочува Цаневска.
Во однос на украсувањето и организирањето на новогодишна прослава, СДСМ смета дека Скопје како главен град и метропола, треба да биде новогодишно украсен. Истакнуваат дека кога тоа не беше случај минатите години, коментарите на скопјани и јавноста беа исклучително остри. Целта е дека сите сакаат да почувствуваат дел од празничната и новогодишната атмосфера, а градот да не биде мрачен и депресивен.

Фото: Фејсбук
-Но, инсистираме да се искористат тоа да се направи согласно можностите: пристојно, но не мегаломански. Не треба да се трошат големи суми пари непотребно за оваа намена, туку да се постигне симболично и достоинствено украсување, без дополнително оптоварување на буџетот. Веруваме дека во тоа може да се најде разумен и компромисен пристап, доколку градоначалникот има подготвеност за такво решение, додава Цаневска.
Во однос на ситуацијата со отпуштањето на 500 вработени од јавните претпријатија под капата на Градот, за кои градоначалникот рече дека не доаѓале на работа, а земале плата, Цаневска вели дека побарале и ќе инсистираат од стручните служби, како на јавните претпријатија, така и на Градот односно секторот за финансии, да им ја достават целокупната документација, докази, факти и аргументација за тоа како и зошто дошло до отпуштањата и кои се фактите позади овие случаи.
-Доколку е навистина точно дека се работи за луѓе кои биле плаќани, а не ја обавувале работата за која биле ангажирани, и сето тоа било на трошок на скопјани, тогаш тоа треба да биде докажано и транспарентно презентирано и треба да се сноси одговорност.
Од друга страна, секогаш постои ризик ваквите потези да се искористат за создавање простор за нови вработувања, често по партиски клуч. Во праксата на ВМРО-ДПМНЕ тоа често биле партиски лојални кадри. Можно е вистината да е некаде на средина, но не би шпекулирале во овој момент, затоа што потезите беа преземени премногу брзо. Како советници, ова ни е само втора седница по конститутивната, и дополнително ќе ни бидат презентирани овие наоди, докази и видувања на службите. Потоа ќе излеземе со јасен став и со соодветни поднесоци, доколку документите зборуваат во една или друга насока, нагласува координаторката на советничката група на СДСМ.
Акцијата „72 часа за чисто Скопје“ заврши. На прашањето дали имаше видливи ефекти и дали мораше да се допре дното со оглед на ситуацијата со ѓубрето и блокадите по јавните претпријатија, Цаневска оценува дека она што е факт е дека Скопје се исчисти од видливиот, робусен отпад за време на акцијата, и сите бевме сведоци дека тој беше собран. Но, за жал, како што додава, срамота е што Скопје беше, од сите општини во државата, најпогодено и оставено под заложништво во целиот период на изборите. Според советничката, тоа е основна обврска за која граѓаните плаќаат комунална такса и не требаше да се претвори во медиумска „помпа“.
-Прво, градоначалниците од ВМРО, бидејќи дел од нив се истите од минатиот мандат, заедно со Ѓорѓиевски како тогашен градоначалник на Кисела Вода, не смееше да дозволат градот да биде преплавен со ѓубре и глодари, за потоа помпезно да прават пи-ар околу чистењето. Системот не се решава во 72 часа. Скопје треба да има континуирано, секојдневно, неделно и месечно чистење и миење, за ваков проблем никогаш повеќе да не се повтори. Дополнително, со ребаланс направен во половина на ноември, односно во последниот можен рок согласно законот, не може драматично ништо да се промени за оваа година. Но, како советници од најголемата опозициска партија во Советот на Град Скопје, нотираме дека нашиот главен акцент, фокус, забелешки и предлози ќе бидат насочени кон носењето на Буџетот за 2026 година. Активно сме вклучени, заедно со партиските стручни служби, за да придонесеме во создавање навистина квалитетен и одржлив буџет, кој ќе ги одрази реалните потреби на Скопје и скопјани, а не буџет кој ќе служи за партиски или лични интереси, заклучува Цаневска.

Седница на Советот на Град Скопје/Фото: Фејсбук профил на Орце Ѓорѓиевски
Од друга страна, според дел од советниците од редовите на Левица, ребалансот е прилично обемен и предвидени се дополнителни средства од 4 милиони денари за јавна чистота, но, како што велат, има зголемување и во други ставки. Според советничката Катерина Јовановска, најверојатно овие средства се наменети за покривање на трошоците за „генералката“ на градот, акција која што, како што вели, беше спектакуларно најавувана од новиот градоначалник.
Јовановска, меѓу другото, во разговор за „Локално“ говореше за отпуштените вработени во јавните претпријатија. Според неа, главното прашање е како градоначалникот уште првиот ден по преземањето на функцијата знаел кој не одел на работа и кого треба да отпушти.
Чистењето на градот за 72 часа беше едно од најгласните ветувања на Ѓорѓиевски во текот на кампањата. Екс-градоначалничката Данела Арсовска и дел од опозицијата, пак, ја обвинуваа партијата ВМРО-ДПМНЕ дека со нејзините членови во Управниот одбор на „Комунална хигиена“ намерно го кочат собирањето на ѓубрето во главниот град.
Покрај чистењето на Скопје, новиот градоначалник најави и брз ребаланс на градскиот буџет со цел да се обезбедат пари за почнување на нови проекти, но и за откочување на некои што се закочени повеќе години, како што е клучката кај Момин поток за решавање на сообраќајниот хаос во тој дел од градот, но и пуштање во функција на двата нови моста на реката Вардар – едниот во Карпош, другиот меѓу Аеродром и Гази Баба.
Н.П.