Се очекува грчката работна сила да се намали за 2 милиони до 2050 година поради негативните демографски трендови, што би можело да доведе до губење на 15 проценти од бруто-домашниот производ. Ова го изјави Арис Алексопулос, раководител на Критскиот центар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), на конференција за динамика на населението, цитирана од ЕРТ.
Тој рече дека „раѓаме помалку, живееме подолго и се движиме повеќе“ и предупреди дека економски активното население во Грција на возраст меѓу 15 и 64 години ќе се намали за околу 2 милиони до 2050 година.
„Денес сме (економски активното население – н.з.) 6,6 милиони. Во 2050 година ќе бидеме 30 проценти помалку“, рече тој, објаснувајќи дека ова ќе има директни економски последици.
Тој предупреди дека доколку не се зголеми продуктивноста на работната сила, земјата се соочува со пад на БДП од 15 проценти.
Алексопулос го истакна проблемот со недостигот на работна сила на грчкиот пазар и рече дека 75 проценти од бизнисите се борат да најдат работници. „Ако пред пандемијата имавме по едно невработено лице за секое слободно (работно место), денес имаме по едно невработено лице за секои десет слободни работни места“, рече тој.
Во исто време, постои сериозен недостиг во професии како што се водоводџии, автомеханичари и оператори на виљушкар.
Алексопулос, исто така, го забележа недоволното учество на жените на пазарот на трудот. „Невработеноста кај жените е 12 проценти, кај мажите е 6 проценти“, рече тој.
Покрај тоа, голем дел од грчките граѓани на возраст од 55-64 години се надвор од пазарот на трудот. „Од 1,5 милиони, 700 илјади се надвор. И тука постои ејџизам“, истакна тој.
Како непосреден одговор на недостигот на работна сила, Алексопулос предложи насочено привлекување на вработени од странство. Најдиректен извор (на работна сила) е миграцијата. Но, правилно организирано“, рече тој, наведувајќи го како пример договорот меѓу Грција и Египет за привлекување 5.000 работници.
Како заклучок, тој предупреди дека во наредните години, конкуренцијата меѓу земјите повеќе нема да биде ограничена на инвестиции или технологија, туку и на тоа кој ќе може да привлече работници.