Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека Албанија е „најдобриот пример за трансформативната моќ на проширувањето на ЕУ“, објави Албанската радиотелевизија.
Таа ги даде овие забелешки на денешната прес-конференција по седмата Меѓувладина конференција Албанија-ЕУ, каде што Албанија го отвори последниот кластер на преговорите за членство во ЕУ.
Кос ја пофали работата што ја извршија албанските институции, нагласувајќи дека постигнатиот напредок е резултат на посветеноста на албанските власти, граѓанското општество и другите актери за спроведување на фундаментални европски реформи, како и на албанските граѓани кои ги сакаат и ги поддржуваат овие промени.
„Реформите на ЕУ носат промени во политиката, економијата, како и во албанското општество, правејќи го навистина европско, затоа Албанија е најдобриот пример за трансформативната моќ на проширувањето на ЕУ“, рече таа.
Кос, цитирана од АТА, додаде дека резултатите што ги покажа земјата водат кон напредок, велејќи дека Албанија е инспирација за многу земји од Западен Балкан и за многу граѓани „кои сакаат да видат иста решителност и промена во своите земји“.
„Отворањето на сите кластери е исклучителен успех, но нивното затворање е вистинската награда. Вашиот успех ќе биде одреден од тоа колку добро и колку брзо ќе го спроведете европското законодавство. (Сега) е време да се забрза (процесот), особено во однос на судските реформи, независноста на судството и борбата против корупцијата“, рече и Кос, цитиран од Албанската радиотелевизија.