На вчерашната седница Извршниот одбор на СДСМ, партијата донесе одлука да започне постапка за исклучување од членство на Радослав Трошановски, член на Советот на општина Карпош, заради непочитување на одлуките и ставовите на СДСМ и работење спротивно на интересите на партијата. Трошановски и еден член на ГРОМ му помогнаа на ВМРО-ДПМНЕ, иако нема мнозинство во Советот да избере свој член за негов претседател.
„Советникот гласаше за изборот на претседател на Советот во Карпош спротивно на партиските одлуки и ставови. Согласно Статутот на СДСМ, непочитување на одлуките, работење и гласање спротивно на интересите на СДСМ, како и нанесување значителна штета на партијата повлекува одговорност, а тоа се однесува и на сите избрани советници“, порачаа од „Бихаќка“.
Партијата дополнително ги осуди, како што наведуваат, сите притисоци, уцени и закани врз советниците од локалните совети од страна на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека ќе преземе соодветни мерки за нивна заштита.
Советот на Општина Карпош минатата недела одржа конститутивна седница на која со мнозинство гласови за претседател на Советот беше избран Христо Саракинов. Тој на локалните избори беше носител на советничката листа за Карпош на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, иако победи во градоначалничката трка со кандидатот Сотир Лукровски и освои најголем број места во општинскиот совет, сепак нема мнозинство. Од 27 члена, 12 се од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и еден од ЗНАМ, додека по четири имаа СДСМ, Левица и коалицијата „Искуство за успех“, во која дел е и ГРОМ на досегашниот градоначалник Стевчо Јакимовски. Тројца се независни.