СДСМ за денеска најави поднесување до Собранието предлог за надзорна расправа и формирање анкетна комисија за испитување на трагедијата во „Пулс“. Одлуката е донесена во координација на пратеничката група и раководството на партијата, објави претседателот на СДСМ Венко Филипче на својот Фејсбук-профил.
Пратениците на СДСМ и коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“.
Ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат.
-Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание, стои во објавата на претседателот на СДСМ.
За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, велат дека засега немаат разговарано на темата, но и дека не сакаат да ја политизираат. Според пратеникот од нивните редови, Драган Ковачки сега на ред се обвинителите и судиите. Премиерот Христијан Мицкоски вчера порача дека ваквото прашање треба да се постави до пратениците.