Поранешниот пратеник од СДСМ, Костадин Ацевски, кој си поднесе оставка од партиската функција по завршувањето на локалните избори, денеска порача дека резултатите од изборите неминовно бараат поднесување на одговорност. Ацевски смета дека колективна оставка треба да поднесе и целото раководство на СДСМ. Тврди дека „постои инженеринг и театар од ВМРО-ДПМНЕ, па сега секое барање за оставка од раководството и претседателот Венко Филипче, ризикува да ве стават во кош дека сте против партијата…“.
-Никогаш не сум отсуствувал од ниту еден процес и ниту еден циклус што го преземал СДСМ. Не сум бил пасивизиран. Имам легитимитет и право да укажам на состојбите во партијата и да побарам колективна оставка, без притоа да претендирам на некаква идна партиска или државна функција, рече Ацевски во емисијата „Студио 10“.
Запрашан дали има соработка со ВМРО-ДПМНЕ по критиките кон раководството на СДСМ, тој вели дека во живот не сменил дрес и секогаш го водела идејата за социјалдемократијата и идејата околу СДСМ. Ацевски бара сплотување и единство, но околу идејата, а не околу личности.
За начинот на дејствување на СДСМ во изминатиот период, екс-пратеникот вели партијата го изгуби предзнакот на опозициската борба.
-СДСМ почна да обезбеличува, стана непрепознатлива и не покажа опозициска борба во изминатиот период. Се создаде впечаток во јавноста дека сме само приврзок на владеачката партија. Ако продолжи овој тренд и ако продолжи ваквото дејствување на СДСМ, сериозно влегуваме во срспко сценарио каде што имаме еден врховен водач на секоја власт. Тој е алфа и омега за се, па веќе извесно време излегува дека го диктира развојот на настаните и во опозицијата, додаде Ацевски.