Машкото здравје во фокусот – панел-дискусија „Провери се, зборувај, живеј“

Пред присутните се дискутираше за физичката и менталната благосостојба на мажите – области што сè повеќе се покажуваат како неопходни за разговор, поддршка и подигнување на свесноста.

од Vladimir Zorba
9 прегледи Фото: Аџибадем Систина

Во организација на Центарот за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација „Неокортекс“, со поддршка на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, се одржа панел-дискусија за машкото здравје под наслов „Провери се, зборувај, живеј“. Пред присутните се дискутираше за физичката и менталната благосостојба на мажите – области што сè повеќе се покажуваат како неопходни за разговор, поддршка и подигнување на свесноста.

Проф. д-р Сотир Ставридис, специјалист по урологија, од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, кој беше еден од панелистите, сподели како и зошто редовните самопрегледи и навремената посета на уролог се клучни за здравјето на мажите, но ги претстави и најзначајните информации за тоа кога е вистинскиот момент за преглед на простата и кои симптоми не смеат да се занемарат.

Од онколошки аспект, проф. д-р Дева Петрова, специјалист по онкологија, говореше за ризик–факторите, одредувањето на стадиумот на болеста, неопходните дијагностички процедури, како и современите методи во лечењето на карцином на простата и тестиси.

Модераторот на панелот, м-р Ивана Хаџиванова, психолог и психотерапевт во „Неокортекс“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“, ја насочи дискусијата кон најчувствителните, но и најзначајни аспекти на машкото здравје, создавајќи безбеден простор за отворен дијалог и искрена поддршка. Клучни теми што беа опфатени на панелот беа менталното здравје кај мажите и тишината што мора да се слушне – препознавање и изразување на стресот, анксиозноста и емоциите, подигнување на свесноста за редовни прегледи и самопрегледи, стравот од преглед, како да бидеме поддршка еден на друг – градење култура на охрабрување, искрен разговор и меѓусебна грижа. Исклучително значајно беше тоа што отворено и стручно се проговори и за една од најчувствителните, но често премолчувани теми во машкото здравје – еректилната дисфункција.

Панелистите ги објаснија мултифакторијалните причини, современите третмани и практичните препораки, нагласувајќи дека навременото барање стручна помош е клучно за подобрување на здравјето и квалитетот на живот.

Особено силен момент беше споделувањето на личното искуство од инфлуенсерот Кристијан Станковски – Бомбакис, кој искрено говореше за борбата со карциномот и патот до целосно излекување. Пред присутните, совети за важноста од редовната физичка активност сподели м-р Даниел Трбогазов – фитнес-тренер.

Панелот за машкото здравје уште еднаш ја потврди потребата од отворен разговор, редовни прегледи и заемна поддршка во машката популација.