Средба Муцунски-Вадефул: Германија останува силен поддржувач на интеграцијата на Македонија во ЕУ

Муцунски се заблагодарил за континуираната и недвосмислена германска поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја

од Nikola Popovski
10 прегледи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје го пречека министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Јохан Вадефул, кој во рамки на својата работна турнеја на Западен Балкан ја оствари првата официјална посета на Република Северна Македонија.

Од МНР велат дека на средбата министерот Муцунски изразил задоволство од посетата, потенцирајќи дека таа уште еднаш ја потврдува важноста што Германија ѝ ја придава на регионот на Западен Балкан, а особено на нашата држава.

Посетата претставува јасна потврда за силната германска поддршка на европската перспектива на регионот.

Двајцата министри го поздравиле интензивниот политички дијалог на високо ниво што двете земји го развиваат повеќе од три децении. Се согласија дека сеопфатната билатерална соработка во сите сектори претставува цврста основа за понатамошно интензивирање на дијалогот и развивање нови форми на партнерство.

-Министерот Муцунски се заблагодари за континуираната и недвосмислена германска поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја. Тој го информираше министерот Вадефул за актуелните активности поврзани со европската агенда, реформските процеси, регионалната соработка и добрососедските односи, при што ја потврди силната посветеност на Владата кон спроведување на реформите и напредокот на патот кон членство во Европската унија.

Министерот Вадефул уверил дека Германија останува силен поддржувач на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија, вклучително и на нашата држава. Тој нагласил дека целосната европска интеграција на регионот претставува најсилен гарант за долгорочна стабилност, мир и просперитет во Европа.

Само во Скопје Вадефул и неговиот домаќин, Муцунски не одржаа прес-конференција. Дали неодржувањето на прес-конференција било на барање на македонската страна или заеднички донесена одлука не е јасно, ниту некој дава какво било објаснување.