Зеколи Шаќири низ солзи бара правда за својот покоен сопруг: „Законот не ми дава право на жалба, но Обвинителството може да постапи“

Заменик-министерката за транспорт и член на ВЛЕН, Калтрина Зеколи-Шаќири денеска на прес-конференција побара правда за сообраќајната несреќа на скопската обиколница кај Радишани, во која животот го загуби нејзиниот сопруг, велосипедистот Арбер Шаќири. Зеколи порача дека ѝ е одбиено правото на жалба, откако судот претходно му изрекол седуммесечна затворска казна на лицето обвинето за предизвикување на несреќата

од Nikola Popovski
64 прегледи

Заменик-министерката за транспорт и член на ВЛЕН, Калтрина Зеколи-Шаќири денеска на прес-конференција побара правда за сообраќајната несреќа пред три години на обиколницата кај с. Радишани, во која животот го загуби нејзиниот сопруг, велосипедистот Арбер Шаќири. Зеколи Шаќири низ солзи порача дека ѝ е одбиено правото на жалба, откако судот претходно му изрекол седуммесечна затворска казна на лицето осомничено за предизвикување на несреќата.

-И три години по ред, лицето што ја предизвика трагедијата, продолжи да се движи слободно, а моето семејесто живее со секојдневната болка од загубата. Секој ден ни е исполнет со празнина. Арбер беше тивок и скромен човек. Три години чекавме правда и фер процес, но пресудата што беше донесена неодамна беше шокантна – само 7 месеци затвор со право на жалба, рече Зеколи Шаќири.

Според неа, пресудата не е казна и тоа е голема неправда.

-Во судницата не се почувствував заштитена и не се почувствував слушната. Се почувствував како мојата болка да е пречка, а не причината зошто бевме таму. Кога пресудата беше објавена и болката ме совлада, судијката Драгана Исаковска ми викна со висок тон само затоа што природно реагирав. Тој момент не зборував како професионалец туку како скршена мајка и сопруга. Реков една реченица што ми излезе од душата – посакувам никогаш да не ја доживеете оваа болка. Законот не ми дава право на жалба, но Обвинителството има и денес јасно му се обраќам – барам жалба на пресудата и праведна казна, додаде заменик-министерката на прес-конференција.