МФ: Мерката „Мој ДДВ“ е законски утврдена и продолжува да важи, исплатите се вршат во рамките на законските рокови

Од ресорот Финансии без конкретен одговор на прашањето на „Локално“ во однос на шпекулациите за укинување на мерката „Мој ДДВ“

од Nikola Popovski
167 прегледи Фото: Локално

Иако веќе изминува месец ноември, граѓаните се уште го немаат добиено повратот од скенирање фискални сметки преку проектот „Мој ДДВ“. Сепак од Министерството за финансии смируваат – парите ќе легнат ќе сметките до крајот на месецов.

-Исплатата на средствата за скенирани фискални сметки  преку апликацијата „МојДДВ“ се врши во рок од 60 дена по завршувањето на кварталот. За третиот квартал (јули–септември), законскиот рок до кога  треба да се изврши исплатата е до 30 ноември 2025 година.

Најчестите проблеми поради кои има доцнење на исплатата на средствата се поврзани со погрешно внесени или неажурирани податоци за трансакциска сметка во системот на УЈП, велат од ресорот Финансии во изјава за „Локално“.

Во однос на шпекулациите во јавноста дека надлежните планираат да ја укинат мерката, од Министерството за финансии немаат конкретен одговор, туку велат дека мерката е законски утврдена и продолжува да важи, а исплатите се вршат во рамките на законски предвидените рокови.

-Доколку има промени, тие ќе бидат навремено и транспарентно соопштени од надлежните институции, појаснуваат од ресорот предводен од министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.

Истите прашања во однос на исплатата на средствата ги испративме и до Управата за јавни приходи, но до моментот на објавување на текстот, нашата редакција не доби одговори.

Граѓаните може во еден квартал може да добијат поврат на ДДВ и до 2.100 денари, тоа значи дека доколку едно четиричлено семејство скенира редовно може да направи поврат од 8.400 денари за еден квартален период. За купување на македонски производи повратот е 20 отсто од ДДВ-то, додека за купување увезени производи тоа изнесува 10 отсто.

Претходно од УЈП информираа дека исплатата за вториот квартал од 2025 година (април – јуни 2025 година) е успешно реализирана. Исплатени се вкупно 881.020.500 денари, односно 14.324.725 евра, кон 502.983 корисници кои скенирале фискални сметки преку апликацијата. Како причини поради кои кај некои корисници, тогаш доцнела исплатата, од Управата наведуваат дека се: промена на трансакциска сметка во текот на исплатата, неточни или неажурирани лични информации, како и поради технички грешки при внес на податоци.

На први јули 2019 година Управата за јавни приходи започна со спроведување на проектот Мој ДДВ со поврат на данокот на додадена вредност што граѓаните го плаќаат купувајќи различни работи. Секој граѓанин имајќи профил на УЈП и апликација на својот смартфон, може на едноставен начин да скенира фискални сметки и на тој начин да си обезбеди поврат на дел од потрошените пари.

На почетокот лимитот за поврат на ДДВ за едно тромесечје изнесуваше 1.800 денари (или по 10 евра месечено) а се почна со поврат на 15 проценти од вкупниот износ на ДДВ на секоја фискална сметка. Лимитот од 1.800 денари сега е зголемен на 2.100 денари (или по 700 денари месечно).

Дел од актуелните функционери, додека беа во опозиција, упатија критики за оваа мерка и сметаа дека треба да се укине. Сегашниот гувернер на Народната банка и екс-министер за финансии, Трајко Славески во 2019 година рече дека дека од „Мој ДДВ“ корист имаат побогатите граѓани.

„За да нема негативни ефекти во буџетот предлагаме веднаш да се укине мерката ‘Мој ДДВ’ со која и така се враќаат пари кај побогатите граѓани, оние кои што имаат повеќе да трошат. Затоа што со непромисленото зголемување на даноците, најмалку се удри по богатите граѓани како што сега се гледа, туку цехот го платија посиромашните граѓани“, рече тогаш Славески.

Н.П.