Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, денеска изјави дека Европската Унија треба да ги суспендира исплатите кон Украина, по извештаите за корупција во земјата.
„Во Украина постои воена мафија и корумпиран систем, а претседателот на Европската комисија, наместо да ги запре исплатите и да бара итни финансиски проверки, планира да испрати уште 100 милијарди евра во Украина. Тоа е лудо“, изјави Сијарто за новинарите во Брисел пред состанокот со колегите од ЕУ, објави Ројтерс.
Извештаите за корупција вклучуваат истрага за наводен заговор од 100 милиони долари за контрола на склучување договори во државната нуклеарна агенција, што доведе до отпуштање на двајца украински министри и повици за сеопфатни мерки за враќање на довербата во раководството на земјата.
Сијарто рече дека сегашните изгледи за Украина не се позитивни.
„Времето не е на страната на Украина. Илузија е да се каже дека е така“, додаде тој.
Според него, Унгарија ќе ги поддржи мировните иницијативи на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.