Курти: Санкциите на ЕУ кон Косово мора да бидат укинати

Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан е главна тема на форумот, на кој присуствуваат лидерите на земјите од регионот и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.

од Vladimir Zorba
10 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти во говорот на Самитот за Западен Балкан, кој денес се одржува во албанскиот главен град Тирана, изјави дека санкциите наметнати на Косово мора да бидат укинати, објави Косовската радиотелевизија.

Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан е главна тема на форумот, на кој присуствуваат лидерите на земјите од регионот и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.

Во својот говор, Курти нагласи дека Косово е една од најбезбедните земји во регионот на Западен Балкан и е меѓу земјите со највисок економски раст, критикувајќи ја политиката на ЕУ за воведување казнени мерки против Косово поради ескалацијата на тензиите на северот од земјата во 2023 година.

„Санкциите што ЕУ ги воведе кон Косово мора целосно да бидат укинати, а кандидатурата на земјата за пристапување во Унијата не смее да биде блокирана“, нагласи Курти.

Во својот говор, Курти исто така нагласи дека „Косово денес е подобро подготвено да се приклучи на ЕУ од која било друга земја во регионот“, опишувајќи го одложувањето на Унијата како „парадоксално“ во контекст на декларациите за итноста на нејзиното проширување.

Поради ескалацијата на тензиите во северно Косово, ЕУ воведе казнени мерки против Приштина на крајот на јуни 2023 година, кои вклучуваат привремено прекинување на работата на заедничките комитети ЕУ-Косово врз основа на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и замрзнување на поканите за состаноци на високо ниво, како и билатерални посети, освен оние поврзани со решавање на кризата во северно Косово во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија.

ЕУ продолжува да ги држи санкциите на сила, тврдејќи дека Косово не направило доволно за да ја деескалира ситуацијата во северниот дел од земјата, кој е претежно населен со Срби.

Косово долго време бара членство во ЕУ, но останува единствената земја на Западен Балкан што сè уште нема статус на кандидат. Земјата аплицираше за членство во ЕУ кон крајот на 2022 година, но нејзината кандидатура е во застој поради недостаток на консензус меѓу 27-те земји-членки, бидејќи пет земји од ЕУ – Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија – не ја признаваат независноста на Косово.