ИК на Либерална интернационала: Македонија под европскиот демократски штит веќе од 2026 година

На 209-от состанок на Извршниот Комитет (ИК) на Либералната Интернационала (ЛИ), што се одржа во Хаг, Холандија, едногласно беше усвоена предлог-резолуцијата поднесена од Либерално-демократската партија (ЛДП) од Северна Македонија.

од Vladimir Zorba
5 прегледи Фото: ЛДП

На 209-от состанок на Извршниот Комитет (ИК) на Либералната Интернационала (ЛИ), што се одржа во Хаг, Холандија, едногласно беше усвоена предлог-резолуцијата поднесена од Либерално-демократската партија (ЛДП) од Северна Македонија. Со резолуцијата се поздравува и силно се поддржува предлогот на Европската Комисија за изградба на таканаречениот „Европски демократски штит” за одбрана на демократијата во земјите-членки и во земјите кандидати од малигно надворешно влијание. Со овој чин, македонската демократија ќе биде ставена под заедничкиот европски штит од штетните и злонамерни влијанија кои имаат за цел да создадат недоверба во демократските институции, да предизвикаат опасна политичка поларизација во општеството и да внесат раздор меѓу европските земји.

Во усвоената резолуција, ИК на Либералната Интернационала бара Европскиот демократски штит да биде ставен во функција веќе наредната 2026 година, со што ќе се обезбеди континуирана одбрана на либералните вредности и ќе се зацврсти патот кон солидно проширување на ЕУ. Комитетот, исто така, повикува да се одвојат неопходните финансиски средства кои експлицитно ќе ја штитат и Северна Македонија од злонамерните влијанија, особено од оние што доаѓаат од Руската Федерација и другите надворешни актери кои се обидуваат да ја поткопаат европската интеграција и демократскиот развој на земјата. Делегацијата на ЛДП ја предводи Емил Кирјас, потпретседател на ЛИ.

„Премногу често гледаме како официјална Москва, преку твитер профилите на своите амбасади во Скопје и соседните држави, подгрева раздор и недоверба кон институциите, демократскиот развој и односите со соседите. Тие објавуваат сосема спротивни твитови во Скопје и Софија за важни датуми, како што е денот кога ги чествуваме Светите Кирил и Методиј, или за оние кои го негираат геноцидот во 90-тите. Тие ставови подоцна стануваат дел од дискурсот на одредени политички актери и создаваат раздор. Очигледно е дека тоа не е добронамерно. Македонските граѓани мора да бидат сигурни дека самите ќе одлучуваат за сопствената иднина врз основа на добрите намери на домашните, а не на странските политички актери. Тоа е основата на секоја демократија. Европа може да се одбрани само со заеднички напори”, истакна потпретседателот на ЛИ, Емил Кирјас.