Руското МНР денес објави дека го затвора полскиот конзулат во сибирскиот град Иркутск, последниот во земјата, како одговор на минатонеделното затворање на единствениот преостанат руски конзулат во Полска.
Русија го извести полскиот амбасадор за затворањата, кои ќе стапат на сила на крајот од годината „како одговор на одлуката на полските власти да ја повлечат својата согласност за работењето на рускиот генерален конзулат во Гдањск од 23 декември 2025 година“, според соопштението од Министерството за надворешни работи.
Полска минатата недела објави дека ќе го затвори последниот руски конзулат во Гдањск на северот од земјата по инцидентот со саботажа на железничката пруга, за кој Варшава ја обвини Русија.
Варшава идентификуваше двајца Украинци, за кои се сомнева дека дејствуваат во име на Москва, како наводни сторители на нападот што оштетил клучна железничка линија што се користи за транспорт на оружје, патници и стока до Украина.
Руското министерство во четврток соопшти дека одлуката на полските власти да го затворат рускиот конзулат е „отворено непријателска и неоправдана мерка“ преземена „под апсурден изговор“.
По овие меѓусебни акции, единствените преостанати дипломатски мисии меѓу двете земји се руската амбасада во Варшава и полската амбасада во Москва.
Односите меѓу Варшава и Москва отсекогаш биле затегнати, но тие значително се влошија по руската инвазија на Украина во 2022 година, при што Полска стана еден од клучните сојузници на Киев.