Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак потврди дека започнале претреси во неговиот дом од страна на истражители од Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) и Специјалното обвинителство за борба против корупцијата (САП).
„Денес, НАБУ и САП спроведуваат процедурални дејствија во мојот дом. Истражителите немаат пречки. Даден им е целосен пристап до станот, моите адвокати се на лице место и комуницираат со службениците за спроведување на законот. Од моја страна, јас целосно соработувам“, напиша Јермак на Телеграм, пренесе УНИАН.
Утраванава, украинските антикорупциски власти спроведоа претрес во домот на Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ).
Зеленски нема да потпише никаков документ за откажување од украинска територија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски нема да се согласи со никаков документ што би имплицирал откажување од украинска територија, изјави шефот на кабинетот.
Во интервју за „Атлантик“, Јермак нагласи дека Уставот на Украина забранува таков потег и дека секој обид би бил спротивен на волјата на украинскиот народ, објави Интерфакс.
„Додека Зеленски е претседател, никој не треба да очекува од нас да се откажеме од територија. Тој нема да потпише документ во кој се откажува од територија“, рече Јермак, додавајќи дека „ниту еден нормален човек денес не би потпишал таков документ“.