Европската комисија во нова постапка проценува дали Apple Ads и Apple Maps треба да бидат вклучени во група на високо регулирани „основни платформски услуги“ според Законот за дигитални пазари (DMA).
Ова доаѓа откако Apple официјално ја извести Комисијата дека обете услуги ги исполнуваат двата клучни критериуми утврдени во законот: повеќе од 45 милиони месечно активни корисници и пазарна капитализација од повеќе од 75 милијарди евра.
DMA веќе ги вклучува App Store, iOS и Safari како „gatekeeper“ услуги на Apple (клучните апликации преку кои Apple задржува дел од пазарот и со тоа остварува профит – н.з.). Целта е да се ограничи моќта на големите технолошки компании и да се отвори пазарот за конкуренција, првенствено со наметнување список на обврски и забрани за платформите што го контролираат пристапот до корисниците и бизнисите.
Комисијата сега има 45 работни дена да одлучи дали формално ќе ги прогласи рекламите на Apple и мапите на Apple за „чувари на информации“. Доколку го стори тоа, на Apple ќе му бидат дадени дополнителни шест месеци да се усогласи со строгите правила.
Компанијата во својот одговор остро се спротивставува на таквата одлука. Компанијата тврди дека Apple Ads има многу мал пазарен удел во ЕУ во споредба со Google, Meta, Microsoft, TikTok или X и дека не користи податоци од други услуги на Apple или надворешни извори за својот рекламен систем. Тврди дека Apple Maps се користи многу помалку во Европа отколку Google Maps и Waze и дека нема посредничка функционалност што би го направила клучен јазол помеѓу бизнисите и крајните корисници.
Одлуката на Комисијата ќе утврди дали овие две услуги на Apple ќе бидат предмет и на построга регулатива што би можела да влијае на начинот на прикажување на рекламите, како се собираат податоците и како се обезбедуваат услугите за навигација на европскиот пазар, објавува Ројтерс.