Истрага за измама го тресе Брисел: Могерини и Санино ослободени, означени како осомничени

Обвинителството се сомнева дека Могерини и Санино дејствувале во договор во 2021 и 2022 година за да насочат јавен тендер за нова дипломатска академија на ЕУ кон Колеџот на Европа, каде што Могерини е ректор и го раководи проектот

од Vladimir Zorba
6 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Франс 24

Поранешната висока претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, и високиот функционер на Европската комисија, Стефано Санино, беа ослободени доцна во вторникот, откако беа именувани како осомничени во истрагата за измама што го тресе Брисел, објави Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител, објави денес порталот „Еурактив“.

Двајцата беа приведени вчера по серија рации на белгиската полиција во седиштето на дипломатската служба на ЕУ во Брисел, во Колеџот на Европа во Бриж, како и во приватни резиденции, како што првично објави „Еурактив“.

Обвинителството се сомнева дека двајцата се договориле во 2021 и 2022 година за да насочат јавен тендер за нова дипломатска академија на ЕУ кон Колеџот на Европа, каде што Могерини е ректор и раководител на проектот.

Академијата е финансирана од дипломатската служба на ЕУ, ЕЕАС, која Могерини ја водеше помеѓу 2014 и 2019 година, и во која Санино држеше висока позиција во времето кога беше донесена одлуката за тоа каде ќе се наоѓа академијата. Уапсен е и друг висок функционер на Колеџот на Европа.

„По сослушувањето од страна на белгиската федерална судска полиција… три лица се формално информирани за обвиненијата против нив“, се вели во соопштението на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕЈО). Обвиненијата вклучуваат „измама и корупција во јавните набавки, судир на интереси и оддавање на професионална тајна“.

Според белгискиот закон, означувањето на некого како осомничен значи дека истрагата е во тек и дека може повторно да биде испрашан, но тоа не подразбира вина. ЕЈО соопшти дека осомничените се ослободени бидејќи „не се сметало дека претставуваат ризик од бегство“. Тие остануваат сметани за невини додека истрагата продолжува.