Мицкоски: Погрешна е одлуката на Меџити да го поддржи протестот за ОВК

-Ќе ги преземеме сите мерки да не им успее првичната намера да испровоцираат било каква реакција која што може да има негативни последици за граѓаните и за регионот, рече Мицкоски за протестот за поддршка на екс-лидерите на ОВК

од Nikola Popovski
26 прегледи

За најавите дека владиниот партнер и еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити ќе го поддржи петочниот протест за поддршка на екс-лидерите на ОВК, на кои им се суди во Хаг, премиерот Христијан Мицкоски вели дека „тоа е изјава на Меџити и треба него да го прашаат“.

-Владата не го поддржува и немаме намера. Ќе се погрижиме сето тоа да помине во најдобар ред, да нема инциденти и да не се случи нешто кое што ние граѓаните не сакаме да се случи. Претпоставувам дека таа одлука на Меџити е под притисок на организаторите, мислејќи дека ако не го поддржи, ќе изгуби политички поени, што мислам дека му е погрешна одлука, кажа Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Премиерот смета дека некој се обидува на овој начин да се мобилизира, посочувајќи ја ДУИ.

-Жалам што има и такви кои што јавно го поддржуваат овој процес, но, тоа е нивна одлука. Како Влада, ќе сториме се што е во наша моќ, од прифаќањето на граница до завршувањето на протестниот марш, да биде поминато во најдобар ред. За ова се информирани и нашите стратешки партнери и за сите преземени мерки. Ќе имаме кризен штаб кој што ќе го следи сето ова. Ќе ги преземеме сите мерки да не им успее првичната намера да испровоцираат било каква реакција која што може да има негативни последици за граѓаните и за регионот, додаде Мицкоски.