Конференција: Дигиталната трансформација не вреди ако граѓаните сè уште чекаат ред за услуга на шалтер

Во своето обраќање, извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари, истакна дека дигиталната трансформација не е само технолошки процес, туку суштинска општествена промена во која интегритетот игра клучна улога. Тој нагласи дека интегритетот се манифестира во три димензии: институционален интегритет, етички развој на вештачката интелигенција и човечки интегритет – отпорноста на граѓаните кон дезинформации и способноста за критичко размислување.

од Vladimir Zorba
11 прегледи Фото: Метаморфозис

Денеска во хотелот „Холидеј Ин” се одржа 21. издание на меѓународната конференција е-општество.мк, на тема „Интегритетот во сржта на дигиталната трансформација”, организирана од Фондацијата Метаморфозис. Настанот ги обедини домашната и меѓународната експертска заедница, медиумите, институциите и дипломатските претставници, кои ги разгледаа предизвиците и можностите што ги носи новата дигитална ера.

Во своето обраќање, извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари, истакна дека дигиталната трансформација не е само технолошки процес, туку суштинска општествена промена во која интегритетот игра клучна улога. Тој нагласи дека интегритетот се манифестира во три димензии: институционален интегритет, етички развој на вештачката интелигенција и човечки интегритет – отпорноста на граѓаните кон дезинформации и способноста за критичко размислување.

„Дигиталната трансформација мора да значи подобар живот, услуги без редици и без страв од злоупотреба на податоците и без бескрајни бирократски чекори. Ако тоа не го добиваме, тогаш не сме трансформирале ништо, само сме додале дигитален слој врз неефикасноста”, рече Јашари.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, нагласи дека дигиталната трансформација може да донесе поефикасни услуги и нови можности за бизнисите, но само ако е заснована врз владеење на правото и почитување на човековите права. Тој потенцира дека повеќе од 35 институции се поврзани и споделуваат документи без хартии, а пристапот до дигитални услуги преку порталот е-услуги, го олеснува животот на граѓаните.

На конференцијата зборуваа и дипломатски претставници од ЕУ и земји-членки, вклучително Бен Нупнау, заменик-амбасадор на Делегацијата на ЕУ, Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција, и Јантине Бакел, советничка за регионална стабилност од Амбасадата на Холандија. Тие потенцираа дека интегритетот, заштитата на човековите права и безбедноста на информациите се клучни за успешна дигитална трансформација и развој на демократијата.

Во рамките на конференцијата, присутните учествуваа во интерактивен квиз за отпорност кон антидемократски влијанија, кој покажа дека и покрај дезинформациите, граѓаните се свесни за сериозноста на проблемот и очекуваат владини мерки за заштита на јавниот простор. Метаморфозис подготви патоказ за заштита на демократијата од дезинформации, со цел координирана акција на сите чинители и регионална соработка на Западен Балкан.

Во рамки на конференцијата беше доделена наградата „Илија Жупаноски” за новинари, граѓански организации и поединци кои придонесуваат во справувањето со дезинформации. Во категоријата А, за најдобар новинарски или стручен труд подготвен од граѓански организации и поединци, наградата им припадна на Убавка Јаневска и Весна Коловска за нивниот труд „Конти со кинески врски под британски превез ги однесе заштедите на македонските граѓани”.

Во категоријата Б – Едукативна мултимедијална содржина за млади од 18 до 28 години, каде креативно и иновативно се користат информациско-комуникациските технологии со цел едукација и јакнење на отпорноста кон дезинформации, наградата им припадна на Игор Стојанов и Тони Михаилов за проектот „Украден идентитет: Како со вештачка интелигенција се злоупотреби името на доктор Никола Пановски?”.

Второрангираните кандидати во двете категории – Боби Бадаревски и Мартина Лозаноска Најдовска, како и Здружението за унапредување на родовата еднаквост „Акција Здруженска” од Скопје – добија признание за посебен придонес. Тие го остваруваат преку креирање на чет-ботови и прирачници кои младите им овозможуваат директна, брза и интерактивна поддршка за препознавање и спротивставување на дезинформации, што ја јакне нивната дигитална писменост, критичкото размислување и способноста да бидат отпорни на манипулации.