Левица: ЕСМ со долг од 32 милиони евра за три месеци со директорите поставени од Мицкоски

-Погрешните кадровски политики на Мицкоски резултираат со колапс на јавните претпријатија, а за тоа е доказ биографијата на генералниот директор Лазо Узунчев - тврдат од Левица

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Канал 5

Податокот дека АД ЕСМ остварило загуба од вртоглави 32 милиони евра само во вториот квартал на 2025 година е скандалозен и бара итна одговорност, велат од Левица. Дополнително, додаваат, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев и личен пријател на премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека компанијата нема да генерира загуби и дека нема да има промена на цената по која компанијата му ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум (која изнесуваше 62 евра за мегават час).

-Но, денеска компанијата е најголем загубар и цената кон универзалниет снабдувач е 65 евра за мегават час. Ова е доказ дека промената на власта и новите директорски фотелји не донесоа никаква промена во „паразитското“ испумпување на народни пари. Напротив, се потврди тезата дека СДС и ДПМНЕ се две страни на истата паричка кога е во прашање уништувањето на државните ресурси, порачуваат од партијата.

Левица прашува јавно:

– Како е можно да се генерира загуба од 10 милиони евра месечно во пролетен и летен период, кога потрошувачката на електрична енергија е драстично намалена?
– Дали овие 32 милиони евра се резултат на скапи тендери во четири очи за ископ на јаглен и набавка на мазут преку фирми блиски до новата власт?
– Дали ова свесно и систематско уништување на ЕСМ е подготовка на теренот за негова евтина приватизација?

Партијата на Димитар Апасиев бара итна ревизија на работењето на ЕСМ за вториот квартал од 2025 година, детален извештај за сите склучени договори за јавни набавки на јаглен, мазут и увоз на струја во овој период и политичка и кривична одговорност за оние кои дозволија ЕСМ да продолжи да тоне.

-Погрешните кадровски политики на Мицкоски резултираат со колапс на јавните претпријатија, а за тоа е доказ биографијата на генералниот директор Лазо Узунчев, кој без никакво искуство во енергетскиот сектор ја доби одговорноста да менаџира со ЕСМ – само заради личното пријателство со премиерот Мицкоски, стои во партиското соопштение.