Советот на Општина Аеродром одби да расправа за мигрантите, градоначалникот Митески им порача на советниците од СДСМ „можеби ќе поднесете иницијатива и против населување на вонземјани“

„Велика Британија има и одлична вселенска програма, па можеби ќе размислите да поднесете иницијатива и против населување на вонземјани во Македонија, гледам натаму сте тргнале“, рече Митески на денешната седница на Советот

од Nikola Popovski
93 прегледи Фото: Општина Аеродром

Советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Општина Аеродром денеска достави барање за дополнување на дневниот ред на 3-та седница на Советот закажана со следната точка: Предлог- Заклучок за можното згрижување на одбиените баратели на азил од Велика Британија во Република Северна Македонија, т.е. во Општина Аеродром.

Советниците порачаа дека се загрижени од информациите и прашањата што ни ги упатуваат граѓаните, а имајќи предвид дека сѐ уште недостигаат официјални информации, бараа Советот да го разгледа и усвои предлог заклучокот со кој Општина Аеродром јасно и недвосмислено се спротивставува на евентуалното прифаќање на одбиените баратели на азил од Велика Британија на територијата на општината и воопшто во целата држава.

Градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески истакна дека нема потреба од дополнување на дневниот ред на седницата и порача дека „единствено СДСМ и Венко Филипче се загрижени за ова и измислуваат теми“.

-Онлајн петицијата ја немаат потпишано ниту 2000 луѓе. Велика Британија има и одлична вселенска програма, па можеби ќе размислите да поднесете иницијатива и против населување на вонземјани во Македонија, гледам натаму сте тргнале. Ако сакате да бидеме сериозни, немам против да се разгледа на следна седница на Совет. Дотогаш ќе добиете одговор како градоначалник и можеме да дискутираме на наредна седница на совет, кажа Митески на денешната седница на Советот на Општина Аеродром.

Советниците со мнозинство гласови одбија да ја стават точката за мигрантите на дневен ред.