Јас не реков дека ќе се затвори трезорот, туку го поставивме 15 декември како датум кога сите иснтитуции е добро да ги достават сите оние тековни потреби, расходи и сите средства кои треба да се пренесат до доверителите. Се разбира на тоа додадов дека имаме толеранција. Се разбира дека нема ако некој дојде на 20 декември да речеме клучот е на врата и завршена е работата. Се разбира дека толеранција ќе има, но идејата е да работиме со план, да имаме свесност дека е потребно сето тоа да реализираме со време, да имаме некаква навика и да го почитуваме сето она што ќе го поставиме како план и задачи. Тоа е суштината, рече премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање по посетата на реконструираната полициска станица во Бутел.
Истакна дека минатата година имал искуство како во 5 до 12 се да се случувало, а потоа останале некои работи недовршени, бидејќи, како што нагласи, едноставно физички не можел сето тоа да го сработи.
-Затоа јас ги молам сите институции да дојдат навреме. Не велам дека на 25-ти ако дојде некој со налог нема тоа да се прифати и ќе се одбие, но, навремено да ги испланираме активностите, за да не се случи во 5 до 12 сите да нагрнеме таму и некои од обврските да останат неплатени односно да ги книжиме во следната година. Само тоа е целта, чисто мораме да се навикнеме на некаков ред, рече Мицкоски.
На прашање дали ќе има и К-15 за јавната администрација, Мицкоски одговори потврдно. Ќе има и годинава, онака како што е согласно закон, рече, потсетувајќи дека минатата година прв пат бил исплатен ваков надоместок за вработените.