Денеска Кривичниот суд и официјално потврди дека на екс-специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева ѝ е одобрен условен отпуст од затвор. Отпустот започнува од 21.12.2025 година и трае до 21.08.2026 година. Од вкупната затворска казна од 7 години, дозволен е условен отпуст од 8 месеци.
Според СДСМ, овие факти и периодот токму сега и до летото наредна година, во целост го потврдува сценарио од, како што велат, стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ кое целосно го разоткривме.
-Зошто сега? Затоа што темата со мигрантите за пари стана национална тема, корупциските скандали за наместени тендери покажуваат како се крадат 14,5 милиони евра преку 161 тендер, затоа што кога нема пари во буџетот за плати и пензии а граѓаните тоа го чувствуваат секој ден.
Затоа што сега и гори на власта под нозе. Нивното сценарио е до изборите кои ги планираат наредната година, Јанева треба да биде искористена како алатка на ДПМНЕ во нивната црна кампања и во нападите врз СДСМ.
Кривичните пријави и политичкиот прогон, лажните вести и манипулациите, нападите врз медиумите и спроведувањето на српското сценарио во Македонија веќе не се доволни. Власта ја губи контролата и затоа мора да ги засилува нападите. Како? По добро познати српски рецепти.
СДСМ јасно порачува: Нема да ви помине Катица. Нема да ви поминат мигрантите за пари. Нема да ви помине ниту едно сценарио за манипулација и дефокус, стои во партиското соопштение.
Затворската казна формално трае до 2027 година, а според условите, Јанева треба да се јавува редовно во Кривичниот суд-Скопје. Доколку не ги почитува овие обврски и доколку стори ново кривично дело тоа би значело повторно враќање во затвор. Пред пет години Кривичниот суд донесе пресуда-седум години казна затвор, а Апелациониот суд Скопје ја потврди пресудата во јули 2021 година, по што таа ја издржуваше казната во „Идризово“.
Поранешната специјална јавна обвинителка беше осудена заедно со Бојан Јовановски. Тој за рекет од милион евра земен од тогаш осомничениот Орце Камчев, за наводно да влијае врз Јанева да му понуди спогодба и да не оди во затвор, а Јанева за земање мито (кауч) и наводно неколку илјади евра, кои никогаш јасно не се докажаа ни со очевидци, ни со јасни фотографии, а ни со банкарски трансакции или други јасни докази колку што можеше да забележи јавноста зад стаклото во судницата.