Зетот на Трамп нема да гради хотел во Белград

Српското обвинителство за организиран криминал го презеде случајот

од Vladimir Zorba
21 прегледи Џаред Кушнер; Фото: Јутјуб/Принтскрин/Си-Ен-Ен

Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, се повлече од планираниот хотелски проект во Белград, објави „Волстрит журнал“.

Инвестициската компанија на Џаред Кушнер, „Афинити партнерс“, планирала да изгради луксузен комплекс на местото на комплексот на Генералштабот, кој бил уништен за време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година.

Веста доаѓа на денот кога Обвинителството за борба против организираниот криминал поднесе обвинение против актуелниот министер за култура на Србија, Никола Селаковиќ, во врска со незаконските дејствија за одземање на статусот на културно добро на зградите на Генералштабот во центарот на српската престолнина Белград.

Селаковиќ е обвинет за кривично дело злоупотреба на службена должност и фалсификување на службена исправа.

Никола Селаковиќ; Фото: Јутјуб/Принтскрин/Инсајдер

„Бидејќи значајните проекти треба да обединуваат, а не да разделуваат, и од почит кон граѓаните на Србија и Белград, овој пат се повлекуваме од нашата намера“, изјави портпаролот на фирмата за приватен капитал на Кушнер, „Афинити партнерс“, според „Волстрит журнал“.

Обвинителството за организиран криминал истражува од мај наводно фалсификување документи врз основа на кои српската влада го поништи статусот на културно наследство на зградите на Генералштабот во Белград.

Според претходните изјави на обвинителството, директорот на Републичкиот институт за заштита на спомениците на културата, Горан Васиќ, признал дека фалсификувал документи.

Врз основа на оваа документација, до Министерството за култура е поднесена иницијатива, предводена од Никола Селаковиќ од Српската напредна партија (СПП), за донесување одлука за прекин на заштитениот статус на Генералштабот.