Европската комисија одлучи да укине дел од казнените мерки што ЕУ ги воведе врз Косово во 2023 година, објави на Фејсбук вицепремиерот на Косово Бесник Бислими, осврнувајќи се на писмото што вчера му го испратил генералниот директор за добрососедска политика и преговори за проширување во Европската комисија (ЕК), Герт Јан Копман, објави весникот „Коха Диторе“.
Бислими рече дека делумно укинатите мерки се однесуваат на четири проекти во вкупна вредност од 34,6 милиони евра, поврзани со програми во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА).
Средствата беа деблокирани како резултат на она што во писмото е оценето како „мирен и уреден трансфер на локалната самоуправа“ во северно Косово, кое е претежно населено со Срби, по локалните избори во земјата во октомври.
Најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, која ужива поддршка од официјален Белград, победи и во десетте општини во Косово со доминантно српско население. Партијата ги презеде општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ и Северна Митровица во северно Косово, како и Ново Брдо, Штерпце, Ранилуг, Клокот и Партеш во југоисточно Косово и Грачаница во централно Косово. Градоначалниците, етнички Срби, ја презедоа функцијата на почетокот на декември.
Србија не ја признава декларацијата за независност на Косово од 2008 година. Двете земји се вклучени во дијалог со посредство на ЕУ за нормализирање на односите од 2011 година и постигнаа неколку договори, но не сите се спроведени. Напредокот во овој процес е клучен за аспирациите на двете земји за членство во ЕУ.
Неколку извори во Брисел за „Коха Диторе“ изјавија дека средствата за четирите проекти се ослободени бидејќи тие би можеле брзо да се изгубат поради истекот на рокот за нивно користење.
Во писмото до Бислими, Европската комисија, исто така, побара од Косово да достави предлог-програма за користење на ИПА фондовите за периодот 2026-2027 година, која исто така мора да биде одобрена од ЕК и поддржана од земјите-членки, објави косовското издание.
Бислими нагласи дека косовската влада постојано инсистирала на укинување на мерките, додавајќи дека следниот чекор треба да биде нивно целосно укинување.
„Постојано инсистиравме на укинување на мерките. Го поздравуваме уште еден чекор од ЕУ, по што треба што е можно поскоро да следи нивно целосно укинување (на мерките). Веќе нема причина некои од нив да останат на сила, особено по префрлањето на власта на четирите општини на север на легален и мирен начин“, напиша тој на Фејсбук.