Левица: Орце продолжува со скандалозни назначувања – партиски кадар со криминално досие на чело на Зоолошка

„Kирков неодамна бил осуден на условна казна за измама со животни, односно за тоа што измамувал граѓани продавајќи им кучиња за 600 евра, без да им обезбеди педигре, иако претходно тоа било ветено. Во самата пресуда, врз основа на сведоштва се наведува дека истото лице било познато и по други слични измами на повеќе лица“, соопштија од Левица

од Nikola Popovski
36 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Левица предупредува дека најавите за ново раководство во Зоолошката градина во Скопје претставуваат уште еден алармантен пример за, како што велат, тоа како градската власт ја сфаќа одговорноста кон јавните институции – како партиски ресурс, коалициски плен, места за негување на хирови и амбиции на партиски кадри. Откако за в.д. директор на ЈП „Градски паркинг“ градоначалникот Орце Ѓорѓиевски назначи лице кое ВМРО-ДПМНЕ претходно го обвинуваше за сериозни злоупотреби, сега, како што велат од партијата, оди чекор подалеку, со намера на чело на Зоолошката градина да постави лице осудувано за кривично дело поврзано со животни.

-Наместо транспарентна постапка, стручност и интегритет, сведочиме на обид за инсталирање лице со сериозно контроверзно минато на чело на установа која со години е симбол на негрижа, скандали и трагични последици по животните. Фактот дека станува збор за поранешен партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, со судски утврдени дејствија поврзани со измама со животни, отвора сериозни прашања за моралниот и етичкиот компас на градската власт, но и за мотивите зад ваквото назначување.

По сите угинувања, извештаи за лоши услови, институционален хаос и целосна загуба на доверба кај јавноста, Зоолошката градина има потреба од радикална професионализација, а не од политичка рехабилитација на кадри како Стево Ќирков (Стефан Кирков) со дамки во биографијата, порачаа од Левица.

Согласно информациите, додаваат од опозициската партија, лицето Ќирков неодамна било осудено на условна казна за измама со животни, односно за тоа што измамувал граѓани продавајќи им кучиња за 600 евра, без да им обезбеди педигре, иако претходно тоа било ветено. Во самата пресуда, врз основа на сведоштва се наведува дека истото лице било познато и по други слични измами на повеќе лица. Дополнително, во 2021 година Ќирков одлежува и три месеци затвор поради непокриени трошоци во друга судска постапка, истакнуваат од Левица и бараат итно преиспитување на оваа намера од страна на градоначалникот.