Вучиќ побара информации од руските служби за смртта на претставник на „Југоимпорт“ во Москва

„Знаеме дека одредени хард дискови исчезнале од компјутерите (од канцеларијата на Југоимпорт во Москва - н.з.), дека исчезнале и други работи, но тоа не мора да значи дека има некаква врска со она што се случило“

од Vladimir Zorba
13 прегледи Фото: Блиц.рс

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека очекува одговор од руските служби за смртта на претставник на српската компанија за трговија со оружје „Југоимпорт-СДРП“ во Москва и додаде дека ќе се бори за да се открие вистината за неговата смрт, јавува српската национална телевизија РТС.

Претставникот на „Југоимпорт“ Радомир Куртиќ беше пронајден мртов на 17 ноември на улица во Москва, а неговата смрт се случила под нејасни околности, потсетува медиумот.

„Југоимпорт-СДРП“ е српска државна компанија за трговија со оружје, одбранбена опрема и трансфер на технологија, основана во 1949 година.

Вучиќ рече дека Куртиќ бил претставник на „Југоимпорт-СДРП“ за втор мандат.

„Чекаме одговор од руските служби. Официјално, до нив се испратени покани, молби и барања. Знаеме дека одредени хард дискови исчезнале од компјутерите (од канцеларијата на Југоимпорт во Москва – н.з.), дека исчезнале и други работи, но тоа не мора да значи дека има некаква врска со она што се случило. Значи, може да биде и рутинска акција на некоја служба кога го утврдува идентитетот на некој на улица“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател додаде дека треба да се утврдат повеќе детали во случајот и дека српската страна сè уште не добила никакви форензички заклучоци за причината за смртта на Куртиќ.

„Се надевам дека ќе ги добиеме во следниот период. Ќе се борам вистината да се открие. Станува збор за наш граѓанин, примерен граѓанин и личност која работела многу години во добра српска компанија“, рече Вучиќ.

Руските истражни органи не доставиле никакви официјални информации за смртта на Куртиќ до Амбасадата на Република Србија и претставништвото на „Југоимпорт-СДРП“ во Москва, како и до безбедносните служби во Република Србија, објави „Блиц“.