СДСМ објави нова бомба: Фирма со тројца вработени добила 1,2 милиони евра за два месеци

„Тендерите се добиени од Генералниот секретаријат на Владата и од СОЗР – истите две институции кои беа вмешани и во претходните бомби што ги објавивме. И повторно станува збор за IT опрема. Случајно, нели?“, праша Кузеска

од Nikola Popovski
113 прегледи Фото: СДСМ

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција соопшти дека преку дигиталната платформа за борба против корупција и криминал „МИЦКО“ за само еден ден пристигнале 47 различни пријави од граѓани од повеќе градови во државата, меѓу кои Охрид, Штип и Скопје, најавувајќи нови објави за, како што рече, сериозни сомнежи за коруптивни тендери на актуелната власт.

„Им благодариме на сите граѓани кои се приклучија и доставија информации и документи на нашата дигитална платформа за борба против корупција и криминал, МИЦКО. За само еден ден имаме 47 различни пријави, од повеќе општини во државата“, изјави Кузеска.

Таа порача дека сите доставени информации и докази ќе бидат анализирани и дека јавноста ќе биде информирана за секој случај. „Македонија се крена против корупцијата и криминалот. Сите овие информации, документи и докази ќе бидат анализирани, документирани и јавноста ќе биде информирана за секој можен случај“, нагласи портпаролката.

Кузеска информираше дека денеска АКТ објавува, како што рече, „нова бомба, нов скандал и нови сомнителни милионски тендери“, посочувајќи дека повторно се работи за иста, веќе видена шема.

„Фирма со само тројца вработени, за период од два месеци, добива тендери од Владата на Христијан Мицкоски во вредност од 74 милиони денари, односно околу 1,2 милиони евра. Милионски суми, мал број вработени и фаворизирани фирми за тендери од власта на ДПМНЕ“, рече Кузеска.

Според неа, овие факти отвораат сериозни сомнежи за нетранспарентни постапки, фаворизирање и коруптивни тендерски шеми, слични на оние во претходно објавените случаи. Таа појасни дека станува збор за фирмата „Сигмоид Гроуп ДООЕЛ Скопје“, формирана пред само две години.

„Тендерите се добиени од Генералниот секретаријат на Владата и од СОЗР – истите две институции кои беа вмешани и во претходните бомби што ги објавивме. И повторно станува збор за IT опрема. Случајно, нели?“, праша Кузеска.

Како конкретни примери, таа наведе дека на 13 октомври 2025 година фирмата склучила договор со Министерството за финансии во вредност од околу 60 илјади евра, а само два дена подоцна, на 15 октомври, и договор со Генералниот секретаријат на Владата вреден речиси 980 илјади евра. Шест недели подоцна, на 1 декември 2025 година, следувал уште еден државен тендер, овојпат за софтвер за следење на работни процеси во СОЗР, во вредност од околу 76 илјади евра.

„Каква милионска експанзија за само два месеци. Раст од 173 проценти од тендери. Истите шеми повторно“, истакна портпаролката.

Кузеска го постави и прашањето дали ваквите тендери се поврзани со лични и професионални врски, посочувајќи дека сопственикот на фирмата, како што рече, дипломирал на Машинскиот факултет, на насоката мехатроника и роботика, каде што професор е премиерот Христијан Мицкоски.

„Дали ова е клучот за вртење милионски тендери од власта на ДПМНЕ – близината со Мицкоски?“, праша Кузеска, додавајќи дека објавите на АКТ ќе продолжат.

„Работата не е завршена“, порача таа.

Слични содржини