Осум лица, меѓу кои и еден руски државјанин, се уапсени во неколку градови во Србија поради детска порнографија.
Апсењата се извршени во Белград, Лесковац, Нови Сад, Кикинда, Крушевац, Чачак, Сомбор и Крагуевац како дел од операцијата „Армагедон“, која е дел од меѓународна операција насочена кон борба против сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца на интернет.
Уапсените лица преземале, складирале и споделувале содржини создадени преку експлоатација на деца за порнографски цели во текот на подолг временски период, објави српското Министерство за внатрешни работи.
Тројцата осомничени, чии иницијали се А. Ѓ, Л. Т. и М. И., регистрирале лажни профили на социјалните мрежи и апликации, претставувајќи се како девојчиња на возраст од 12 и 13 години, а потоа контактирале со малолетници од кои барале и добивале фотографии и видеа со сексуална содржина.
За време на претресот на становите и другите простории на сите осомничени, на електронски уреди биле пронајдени фотографии и видеа од експлоатација на деца и малолетници за порнографски цели.
Уапсените се осомничени за сторени кривични дела прикажување, стекнување и поседување порнографски материјал и експлоатација на малолетно лице за порнографија и сексуално вознемирување.
Осомничените се однесени во надлежното обвинителство со кривична пријава.
Операцијата ја спроведоа припадници на Техничката дирекција, Служба за борба против високотехнолошки криминал при Министерството за внатрешни работи на Србија, по наредба на Специјалното одделение за високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград.