Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, пред стартот на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, порача дека од Софија нема сигнали за решение и постои недостиг на добра волја.
-По најголемиот дел од овие политики кои што ги нуди Европската Унија за регионот, сме први или меѓу првите кои што ги имплементираме истите. По однос на билатералното прашање, несоодветно е да се навлегувам во дискусија за внатрешно-политичката состојба во Бугарија. Таа е таква каква што е. Секако, ние со огромно внимание мораме да ја следиме, но, морам повторно да кажам, доколку постои добра верба и волја, нема прашање по кое не може да се најде решение. Чувствувам дека во последните недели има недостаток на добра верба од Софија. Се појасно е дека земјите-членки гледаат каков наратив доаѓа од Софија и очекуваме дека ќе добиеме и нивна помош и поддршка по однос на изнаоѓањето на соодветно решение, рече Муцунски во изјава за МРТ1 од Брисел.
Лидерите на ЕУ и на земјите од Западен Балкан ќе се сретнат денеска во Брисел во рамките на Самитот ЕУ-Западен Балкан.