Проширена Европска Унија значи побезбедна, посилна и помирна Европа, изјави Кошта

„Само со надминување на минатото, Западниот Балкан може целосно да го заземе своето место како идни членки на ЕУ и да придонесе за стабилна, просперитетна и обединета Европа“

од Vladimir Zorba
10 прегледи Фото: Фејсбук/Совет на Европската Унија

Претседателот на Советот на Европската Унија, Антонио Кошта, синоќа на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел изјави дека проширената ЕУ значи и побезбедна, посилна и помирна Европа, објави Танјуг.

Според него, самитот испрати јасна порака – „цврсто ја поддржуваме иднината на Западен Балкан во Европската Унија“.

„Проширувањето останува клучно за нашите заеднички цели. Ова е вистинскиот избор од три причини. Прво, од геополитичка гледна точка. Проширена ЕУ значи побезбедна, посилна и помирна Европа. Второ, затоа што проширувањето го зајакнува нашиот заеднички просперитет. Секое претходно проширување го докажа ова“, истакна Кошта и додаде дека третата причина е што ЕУ останува привлечен и доверлив проект.

Според него, проширувањето се случува побрзо во последните 15 години и земјите од Западен Балкан треба да го искористат ова.

Тој додаде дека во последната година, Црна Гора јасно ја забрза својата европска интеграција и само оваа недела успешно затвори пет поглавја од преговорите за пристапување во ЕУ. Од друга страна, Македонија презеде чекори за зајакнување на регионалната поврзаност. Босна и Херцеговина усвои Агенда за реформи, неопходен чекор за пристап до Планот за раст. Кошта, исто така, ги поздрави чекорите преземени од Косово за градење доверба меѓу заедниците во земјата.

„Само со надминување на минатото, Западниот Балкан може целосно да го заземе своето место како идни членки на ЕУ и да придонесе за стабилна, просперитетна и обединета Европа“, рече тој. „ЕУ е и ќе остане најдоверливиот партнер на Западен Балкан. Сите тие се дел од европското семејство, а ЕУ е нивното место.“, додаде Кошта.