Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за економија и труд за 2024 година. Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености кои влијаат на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметката на основен буџет 637 и мислење без резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеност на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива на сметката на основен буџет 631.
Од извршениот увид во документацијата, утврдено е несоодветно постапување на Одделението за прекршочна, судска и управна постапка и Прекршочната комисија по однос на барањата за поведување прекршочни постапки согласно посебните закони како и предметите кои се започнати, а не се довршени од страна на ДПИ, кое има за ефект не уплатени средства во Буџетот на државата од 2.078.000 евра.
Иако Прекршочната комисија е формирана во 2019 година, постапувањето по предметите започнува дури во 2022 година со формирање на нова комисија. Доставувањето на целосно подготвена документација од Одделението до Комисијата се врши по изминување на временски период од неколку години, додека изготвувањето на актите кои произлегуваат од Записниците на прекршочната комисија е по изминување на период од два до седум месеци. Од друга страна Одделението не изготвува месечни, полугодишни и годишни извештаи за своето работење, што не е во согласност со работните задачи и обврските дефинирани со Правилникот за систематизација.
До ноември 2024 година, поради настаната застареност на Барањата за поведување на прекршочна постапка, Комисијата донела 1.534 Решенија за запирање на прекршочни постапки, што довело до помалку наплатени приходи во Буџетот на државата во износ од 127.721 илјади денари, односно 2.078.000 евра. Дополнително, заклучно со мај 2025 година, од Државен пазарен инспекторат до Министерство за економија и труд се доставени 398 предмети за постапување, од кои 164 се од 2023 година, 152 од 2024 година и 82 од 2025 година.
Ревизијата исто така истакнува дека во септември 2024 година врз софтверот за прекршочни предмети е извршен неовластен таргетиран напад, што резултирало со целосно губење и неповратност на податоците. За потребите од оградување на парцелите наменети за изградба на фотонапонски
електроцентрали, Министерството за економија реализирало две фази на набавка. Првата фаза, со договорна вредност од 9.750 илјади денари или 158.536 евра, е завршена согласно проектот и одобрението за градење. За втората фаза, со договорна вредност од 25.871 илјади денари или 420.667 евра, предметот на набавката до моментот на ревизијата не е реализиран, не е предвидена банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот, ниту е склучен анекс за продолжување на рокот, а не се преземени и правни мерки за наплата на договорни казни, со што не се постигнати целите на договорот.