Поранешниот директор на Управата за водење на матични книги и висок функционер на ДУИ, Бујар Дардишта, бил лишен од слобода во голема полициска акција што се одржала во текот на ноќта. Според првичните информации, тој е осомничен за вмешаност во шема за перење пари и економски криминал, објавија дел од медиумите во земјава на албански јазик.
Во акцијата, спроведена во текот на ноќта и рано утрово, полицијата уапсила повеќе од десет лица. Акцијата ја водела Одделот за борба против организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност, под директен надзор на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Инспекторите, постапувајќи по судски наредби, извршиле претрес на неколку локации во Скопје и Куманово. Се наведува дека целта е да се разбие организирана криминална група вклучена во корупција.
Според информациите, во моментов полициски екипи вршат проверки и на два правни субјекти на територијата на Скопје и Куманово, кои се поврзани со осомничените.
Дардишта е кадар на ДУИ, кој во изминатите години извршувал повеќе раководни функции во државната администрација.
Повеќе официјални информации се очекуваат во текот на денот.