ЦО на ЗНАМ: Со речиси 40 илјади гласови на советничките листи потврдивме дека не сме ниту проект ниту привремена појава

Како што велат од партијата, Централниот одбор констатираше дека поставените политички цели за овие избори се реализирани и дека ЗНАМ од изборниот процес излегува посилно, поконсолидирано и политички појасно позиционирано

од Nikola Popovski
8 прегледи Фотo: ЗНАМ

Централниот одбор во проширен состав на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија синоќа одржа седница на која беа разгледани и усвоени извештаите и анализите од Локалните избори 2025 година, како и заклучоците за понатамошното политичко дејствување на партијата.

Како што велат од партијата, Централниот одбор констатираше дека поставените политички цели за овие избори се реализирани и дека ЗНАМ од изборниот процес излегува посилно, поконсолидирано и политички појасно позиционирано од кога било досега, како сериозна и одговорна политичка сила со јасна насока на развој.

-Со речиси 40.000 освоени гласови на советничките листи и присуството на ЗНАМ во повеќе од 45 општински совети, Движењето уште еднаш потврди дека не е ниту проект, ниту привремена појава, туку стабилна и растечка политичка опција со поддршка низ целата територија на државата.

Настапот на ЗНАМ на овие локални избори беше самостоен и принципиелен, со јасна определба дека довербата на граѓаните не се купува по секоја цена, туку се гради со јасни ставови, конзистентни политики и реални резултати. ЗНАМ свесно избра да расте одговорно и контролирано, водејќи се од долгорочниот интерес на државата, а не од дневно-политички калкулации, наведуваат од ЗНАМ.

Во таа насока, додаваат оттаму, Централниот одбор ги дефинираше и следните чекори во натамошното јакнење на партиската структура и политичкото дејствување.

-Во наредниот период ќе се пристапи кон формирање на Клуб на млади и Клуб на жени во рамки на Движењето ЗНАМ, како организирани форми за активно вклучување на младите и жените во креирањето политики, јакнењето на кадровскиот потенцијал и модернизацијата на политичкиот пристап на партијата.

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија продолжува со уште појасна визија, засилен државотворен наратив и цврста решеност да биде фактор на стабилност, ред и одговорност во македонската политика, уверено дека добиената поддршка од граѓаните претставува темел врз кој ќе се гради уште посилна позиција на следните парламентарни избори, стои во партиското соопштение.