Кирков ѝ честита на новата директорка на скопската Зоолошка и најави објавување со име и презиме на „квази-новинарите и лажните активисти што го клеветеле“

Екс-советникот во Град Скопје не се откажува од тоа еден ден да биде директор на скопската ЗОО: „На даден оглас од установата ќе конкурирам со своја програма и визија, па доколку тоа се допаѓа на надлежните спремен сум во секое време да се најдам таму“

од Nikola Popovski
56 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Иако веќе беше најавено дека екс-советникот во Советот на Град Скопје, Стефан Кирков ќе стане директор на скопската Зоолошка градина, вчера беше соопштено дека Катерина Костова е новата в.д. директорка. По тој повод, Кирков преку објава на социјалните мрежи ѝ честита на Костова, за која вели дека е одличен човек кој вистински ги сака животните и установата.

Екс-советникот кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, сепак, жали што во изминатите денови, како што вели, бев таргет на оркестриран напад на социјалните мрежи од „еден центар од квази новинари, лажни активисти со криминални работи во сенка, но една секта на луѓе со кој повеќе од 5 години ги пратам како се на политичкиот пазар и како оркестрирано делуваат наводно загрижени активности за животни, но со скриени криминални работи со продавање на бездомни животни низ Европа“.

-После се, јас нема да го заборавам ова и периодов кој следи целосно со име и презиме ќе им се посветам како би на цела јавност ги разоткријам овие ликови.

Јас никогаш не криев и не кријам за мојата амбиција да ја водам ЗОО Скопје и тоа ми е животна желба. Сметам дека можам, знам и имам сила енергија и тим за истото како би ја извел ЗОО Скопје извадил од црнилото во кое се наоѓа денес, додека овие лажни активности кој беа во скутот на Данела и ги немаше никаде кога угинуваа 60 животни во ЗОО, Стефан беше гласен и бараше правда секаде без разлика на партија, книшка или било што друго!

3 дена бев изложен на многу лаги и клевети но за тоа правдата ќе ја барам и одговорноста на сите валидни профили на мрежите за кој веќе мојот правен застапник работи, објави Кирков на социјалните мрежи.

Тој порача дека од денес ЗОО Скопје е во правилни раце, но најави дека на даден оглас од установата ќе конкурира со своја програма и визија па доколку тоа се допаѓа на надлежните спремен сум во секое време да се најдам таму!

„Почитувани пријатели…извинете што се изначитавте небулози за мене, тие кој ме познаваат знаат…останатите еве и писмено со што ги отфрлам сите обвинувања и клевети, а правдата ќе ја барам од сите кој се огрешија, еден по еден, јавно со име и презиме“, стои во објавата на социјалните мрежи.

За нова, в.д. директорка е назначена Катерина Костова откако нејзиниот претходник, Зоран Попов, деновиве поднел оставка. Костова е избор на скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, а, инаку, и досега била вработена во Зоолошката градина.

Активистката за заштита на животните, Мери Јордановска јавно го проблематизира изборот на Кирков за менаџер на Скопската зоолошка градина, потсетувајќи на негова судска историја поврзана со измама со животни. Според нејзината објава, Кирков во 2018 година со пресуда К бр. 1205/18 бил осуден на условна казна за измама, при што продавал кучиња по цена од 600 евра, ветувајќи педигре кое никогаш не им било доставено на купувачите.

Во самата пресуда, како што наведува Јордановска, преку сведоштва од Кинолошкиот сојуз било посочено дека лицето било познато и по други слични измами. Иако поминал подолг временски период и пресудата е избришана од казнената евиденција, таа нагласува дека тоа не значи дека делото не било сторено. Дополнително, според нејзините наводи, Кирков во 2021 година одлежал три месеци затвор во Идризово поради непокриени трошоци во друга судска постапка.

„Прашањето е како лице осудено за измама со животни ќе раководи со институција која работи исклучиво со животни, особено по сите скандали што ја следат ЗОО Скопје“, пишуваше Јордановска, отворајќи и дилема дали против Кирков во моментов се води нова постапка за друго кривично дело.