„Односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија се во најтешката фаза од потпишувањето на Договорот за пријателство во 2017 година“, смета бугарскиот професор и историчар, Спас Ташев . Според него, изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, вклучувајќи ги и, како што вели, ултиматумите до Бугарија и Европската Унија за признавање на македонскиот идентитет и јазик, претставуваат, според него, ескалација и инструментализација на темата за домашни политички цели.
Во интервју за „Еuronews Bulgaria“, Ташев нагласи дека Бугарија никогаш не го негирала современиот македонски идентитет, а контроверзните прашања се предмет на научна дебата и работата на Мешовитата историска комисија.
Според бугарсиот историчар, проблемот се продлабочува и поради активната пропаганда на, како што вели, Скопје и пасивноста на бугарската држава во последните години.
„Додека Скопје гласно зборува на сите меѓународни форуми, Бугарија молчи“, истакнал Ташев, потенцирајќи ги надворешните влијанија врз Македонија, кои, според него, доаѓаат од Србија, Русија и Кина, вклучително и преку посредништвото на Унгарија.
Тој нагласил дека Бугарија треба да биде поактивна дипломатски и информативно, како и да ги користи инфраструктурните проекти како што е Коридорот 8 како алатка за конвергенција.
„Без активна бугарска политика и јасно присуство во регионот, Скопје ќе продолжи да се оддалечува од Европската Унија“, смета Ташев.