ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение тврди дека од СДСМ лажат кога велат дека се суспендирани средствата од ИПАРД програмата. Според најголемата владеачка партија, лага е дека се стопирани средствата и обвинуваат дека СДСМ лаже за да добие ситни политички поени.
-Нивните лаги веќе не поминуваат ниту кај малите деца. Средствата од ИПАРД III Програмата не се суспендирани од страна на Комисијата. Повеќе пати е потенцирано дека од страна на Европската Комисија е поздравена одлуката за привремен прекин на плаќањата. Институциите работат во разрешување на случајот. Веднаш по завршување на проверките и контролите, ќе се продолжи со реализација на ИПАРД III Програмата, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата на власт, СДСМ ги боли што, како што велат, институциите работат и преземаат активности согласно нивните надлежности, тоа што беше мисловна именка во нивно време.
-Решителноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да расчистува со криминалот е јасна и недвосмислена, секој што се огрешил пред законот ќе одговара, стои во партиското соопштение.
Според соопштението на СДСМ, Европската комисија ја донела одлуката за суспензија на програмата поради сомнежи за неправилности во работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Од партијата посочуваат дека директорот на Агенцијата, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, бил уапсен поради сомнежи за злоупотреба на средства.
СДСМ: ЕУ ја суспендирала ИПАРД 3 програмата поради корупциja, а власта молчи десет дена за одлуката