Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски денеска порача дека интерес на Владата е да се најде решение за спорот со Бугарија. Вели дека го охрабрува што се повеќе земји-членки, а и европските институции развиваат свест и до некој степен разбирање за нашите позиции. Сепак, додава дека нашиот случај на европска интеграција не може да се мери или споредува со било кој друг случај во поновата историја.
-Сега условно кажано, можеби најлесниот потег, барем така перцепски излегува, Владата да ги направи уставните измени бидејќи имаме мнозинство во Собранието. Но, што доколку Владата го направи тоа и знаеме дека за шест месеци повторно можеме да се соочиме со истата ситуација. Дали е тоа европски и одговорен пристап? Ние велиме дека мора да има рамка за предвидливост, да знаеме што сите толкуваме за решение од 2022 година. Да добиеме некоја форма на инститцуионални гаранции дека нашите идентитет, јазик, национална историја нема да станат предмет на преговори, со оглед дека во моментов не се чувствуваме комотни дека таква ни е позицијата, рече Муцунски на прес-конференција со неговата албанска колешка, Елиса Спиропали.
Министерот вели дека од Владата има желба за дијалог „уште утре како ќе се одблокира непринципиелната блокада“. Сепак, рече дека не може да се очекува дека Владата „туку така ќе се согласи и ќе направи отстапка без да има сигурност по иднината и завршетокот на европскиот пат“.