Данска инсистира сите земји, вклучително и САД, да го почитуваат нејзиниот територијален интегритет, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен. Данското Министерство за надворешни работи ќе го повика американскиот амбасадор, откако претседателот Доналд Трамп го назначи гувернерот на Луизијана за специјален пратеник на Гренланд.
Министерот Расмусен рече дека е длабоко лут од потегот на Вашингтон и го опиша назначувањето и изјавите на САД за Гренланд како „целосно неприфатливи“. Тој објасни дека дипломатската служба ќе побара објаснувања од американскиот амбасадор во наредните денови.
Неодамна, данската воена разузнавачка служба објави дека САД ја користат својата економска моќ за да „ја наметнат својата волја“ и да им се закануваат со воена сила и на пријателските и на непријателските земји.
Во првите месеци од својот втор мандат, претседателот Трамп постојано повикуваше на воспоставување американска јурисдикција над Гренланд и не ја исклучи употребата на сила за воспоставување контрола врз стратешки важниот арктички остров.
Гренланд, поранешна данска колонија со население од околу 57.000 жители, има право да прогласи независност од Данска од 2009 година. Мнозинството жители ја поддржуваат таквата одлука, но не сакаат островот да стане дел од Соединетите Американски Држави, според анкетата од јануари.