Членот на новиот Централен одбор на СДСМ, Андреј Жерновски упати критики кон Владата откако беше донесена одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата.
„Неспособни сте! Лутете се колку сакате, но освен за криминал, за ништо друго не ве бива! Па замислете што ќе се случуваше во државава да бевте вие на власт кога беше светската енергетска криза“, истакна Жерновски и упати прашање до министерката Божиновска.
„И, да ја прашам министеркава за енергетика, Сања Божиновска, која пред само 24 часа не’ уверуваше дека, цитирам, нема да има никаква криза: Како мислиш утре да одиш на работа? Како ќе ги погледнеш во очи луѓето околу тебе дома, на работа, на улица, во самопослуга? Дај си оставка, имај барем основно чувство на срам и одговорност“, стои во објавата на членот на ЦО на СДСМ.
Вчера попладнето од Владата соопштија дека на последната седница, на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, била донесе одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука.
„Како што информиравме во текот на претходните денови, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството. Задолжителните резерви на нафтен дериват ќе се отстапат без надоместок, а АД ЕСМ за трошењето на нафтениот дериват мазут има обврска да доставува извештај до Владата и до Министерство за финансии“, стои во владиното соопштение.