Бугарија нуди итни залихи на мазут за Македонија поради кризната состојба

Предлогот бил даден за време на телефонскиот разговор помеѓу двајцата министри за надворешни работи, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев

од Nikola Popovski
73 прегледи Фото: Министерски совет на Република Бугарија

Бугарија понуди итни залихи на мазут за Македонија во врска со кризната состојба прогласена во земјава поради тешкотии со набавката, соопштила прес-службата на бугарската Влада.

По наредба на премиерот во заминување Росен Жељазков, министерот за енергетика во заминување Жечо Станков ги проверил залихите на мазут во земјата. Контролата утврдила дека Бугарија има доволни количини за покривање на домашните потреби.

Врз основа на овие информации, бугарската Флада во заминување доставила предлог до македонската Влада за итна помош преку залихи на мазут. Предлогот бил даден за време на телефонскиот разговор помеѓу двајцата министри за надворешни работи, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев.

-Бугарската страна изрази подготвеност да помогне во обезбедувањето на потребните количини, почитувајќи ги расположивите технички и логистички можности. За време на разговорот, беше нагласено дека предложената помош е израз на добрососедство и солидарност и има за цел да ја поддржи енергетската безбедност и стабилност во регионот, пренесуваат бугарските медиуми.

Предлогот беше даден откако домашната Влада синоќа прогласи кризна состојба на територија на Македонија поради тешкотии со набавката. Причината е блокадата на граничните премини со Република Грција од страна на грчките земјоделци, што го попречува увозот на енергенси и суровини.