Годишната стапка на инфлација во ноември е 4%, наспроти 4,5% во октомври. Годишната стапка на инфлација остварена во ноември и понатаму е над историскиот просек, поради што инфлацијата и нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму се во фокусот на монетарната политика.
Ова беше заклучено на редовна седница на Извршниот одбор на Народната банка за поставеноста на монетарната политика.
Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во надолна насока, што упатува на помали увозни ценовни притисоци во однос на претходните очекувања.
Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка, стои во вчерашниот заклучок од седницата.