Мистериозниот британски уличен уметник Бенкси е повторно во центарот на вниманието откако неговото ново дело се појави во Лондон.
Во понеделникот, уметникот на својот Инстаграм профил го потврди авторството на муралот насликан над ред гаражи во населбата Бејсвотер, додека речиси идентична верзија се појави и пред облакодерот Центар Поинт во срцето на градот.
Делото прикажува две деца во зимска облека, со капи и чизми, како лежат на земја, а едно дете покажува со прст кон небото. Фотографијата што ја сподели самиот Бенкси покажува деца врамени од дотраена фасада и преполн контејнер за ѓубре, создавајќи остар контраст помеѓу суровата реалност и погледот на децата вперен во височините.
Како и секогаш, уметникот не даде никакво објаснување, оставајќи ја публиката сама да ја дешифрира пораката.
Веднаш по објавувањето, муралите предизвикаа лавина од реакции и шпекулации на социјалните мрежи. Многумина во сцената видоа коментар за магијата на детската имагинација и невиност, способноста да се пронајде убавина и надеж дури и во најмрачната околина.
Некои се потсетија на познатата изјава на Оскар Вајлд: „Сите сме во калта, но некои од нас гледаат во ѕвездите“.
Други толкувања укажуваат на божиќна симболика, поврзувајќи ја сцената со Витлеемската ѕвезда и порака на надеж за време на празниците, но експертите за делата на Бенкси предупредуваат на можна подлабока, сатирична нота.
Тие се прашуваат дали ѕвездите што ги гледаат децата се вистински или само вештачки градски светла, што би ја направило пораката многу потемна, зборувајќи за тоа како во современиот свет, светото е заменето со функционалното, а вистинската вера со брендирање.
Најсилната интерпретација, која доби најголемо медиумско внимание, ја понуди уметникот Даниел Лојд-Морган, поврзувајќи го делото со итниот проблем на бездомништвото на децата, особено за време на празниците. „Сите се забавуваат добро, но има многу деца кои не се забавуваат на Божиќ“, изјави тој за Би-Би-Си.
Лојд-Морган забележа дека локацијата во Центар Поинт е исклучително прометна и дека е трогателно да се видат луѓе како минуваат покрај уметничкото дело и го игнорираат. „Тоа е поентата. Луѓето поминуваат покрај бездомници што лежат на улица и не ги гледаат“, нагласи тој, додавајќи дека е соодветно што децата гледаат нагоре, како да ја бараат Северната Ѕвезда, традиционален симбол на надеж за изгубените.
Изборот на облакодерот „Централ Поинт“ како една од локациите воопшто не бил случаен. Зградата има долга и болна историја на криза со домувањето. Откако била изградена во 1960-тите, таа стоела целосно празна повеќе од една деценија, станувајќи симбол на алчност и социјална неправда. Токму облакодерот го инспирирал основањето на хуманитарната организација „Централ Поинт“, која се занимава со проблемот на бездомништвото кај младите.
Во горчлив пресврт на судбината, зградата што некогаш била „навреда за бездомниците“ сега е претворена во луксузни станови од повеќе милиони долари, што ја прави пораката на Бенкси уште потрогателна и порелевантна.
Иако уметникот молчи, неговите нови мурали успеале во она што го прави најдобро – тие го натерале Лондон, и светот, да застанат и да погледнат, не само на ѕидот, туку и на проблемите што ги прикажува ѕидот.