Ѓорѓиевски: Наследството од Шилегов и Арсовска изнесува 2,9 милијарди денари во активни судски постапки

Градоначалникот на Скопје ги обвини неговите претходници дека наследил презадолжени и девастирани јавни претпријатија

од Nikola Popovski
26 прегледи

„Денес го носиме Буџетот за Град Скопје за 2026 година. Но мора отворено да зборуваме и за реалноста што ја наследивме, еден од најкатастрофалните квартални извештаи во историјата на градот, од времето на Петре Шилегов и Данела Арсовска“, рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Порача дека за девет месеци се реализирани приходи од 2,8 милијарди денари, што значи просек од само 317 милиони денари месечно.

„И во претходните години состојбата била слична, а често и полоша. За споредба, за само 40 дена реализиравме приходи од 659 милиони денари, речиси двојно повеќе од било кој месечен резултат во минатото“, пишува Ѓорѓиевски.

Во овој квартален извештај, според него, се прикажани само доспеаните долгови и кредитите евидентирани во сметководството на Град Скопје. Не се опфатени недоспеаните обврски, ниту најтешкиот товар, тужбите.

„Наследството од Петре Шилегов и Данела Арсовска изнесува 2,9 милијарди денари во активни судски постапки. На 08.11.2025 година јавните претпријатија немаа земено плата за месец септември. Тоа беше директен удар врз Буџетот на Град Скопје и врз достоинството на вработените. Некој си поигрувал со нивните судбини“, истакнува, меѓу другото, градоначалникот.

Тој исто така наведе дека покрај речиси 200 милиони денари обезбедени за плати, наследени биле и тековни обврски кон добавувачи во износ од 330 милиони денари.

„Денес тие се намалени на 236 милиони денари.  За само 40 дена направивме повеќе во образованието отколку што некои не успеале во цел мандат. Градиме спортски терени во шест средни училишта, обезбедуваме прочистувачи на воздух за секоја училница, нова ИТ опрема, смарт табли, лаптопи, нови клупи и столчиња, како и опрема за информатичките кабинети. Обезбедивме средства за Луна паркот, проект кој со години беше само празно ветување. Обезбедивме средства и за првата фаза од првата подземна сообраќајница кај „Лимак“, обезбедивме средства за кружниот тек во Ѓорче Петров“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.