Црногорската полиција денес го уапси 48-годишниот Б. Ќ., кој е осомничен за сексуална злоупотреба на две малолетни деца, а медиумите во таа земја објавуваат дека станува збор за свештеник на Српската православна црква во Црна Гора.
Во соопштението од Дирекцијата на црногорската полиција се наведува дека по сослушувањето, на осомничениот му е одреден притвор до 72 часа.
„Службеници на Регионалниот безбедносен центар „Центар“, Одделот за безбедност на Цетиње, во координација со Основното државно обвинителство во Цетиње, лишија од слобода лице осомничено за сексуална злоупотреба на две малолетни деца. Б. Ќ. (48) е осомничен за ова кривично дело“, се наведува во соопштението на Дирекцијата на црногорската полиција.
Иако во официјалното полициско соопштение ова не е наведено, некои црногорски медиуми објавија дека Б. Ќ. e свештеник на Српската православна црква во Црна Гора и дека пријавата против него ја поднела неговата поранешна сопруга Н. К.
Црногорскиот портал „Аналитика“ наведува дека имал пристап до пријавата во која Н. К. тврди дека нејзиниот поранешен сопруг сексуално ги вознемирувал нивните две малолетни деца, и истакнува дека доказите вклучуваат аудио-снимка од разговор со децата и цртеж од едно од децата.
Црногорските медиуми пишуваат и дека во барањето до Основното државно обвинителство во Цетиње, поднесено од Н. К., е наведено дека таа била во брак со Б. Ќ. до 2019 година, кога, како што тврди, „побегнала со децата поради менталното и физичкото насилство што тој ѝ го нанел“.
Таа понатаму наведува дека во 2020 година престојувала во таканаречената Безбедна женска куќа – засолниште за жртви на семејно насилство, заедно со своите деца.
Митрополијата на Црногорско-приморската Српска православна црква во Црна Гора сè уште не ги коментирала овие обвинувања.