Српското Министерство за земјоделство негира: Македонија не го врати нашето киви од границата

Демант од Србија: „Македонија не забранила српски киви, туку ние реагиравме за грчки производ“

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/GilaFruit

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија ги демантира дел од медиумските извештаи дека Македонија забранила увоз на киви од Србија, наведувајќи дека тамошната гранична фитосанитарна инспекција во два наврати пресретнала пратки индустриски киви кои биле враќани во земјава.

Во соопштението на Министерството се наведува дека српските инспектори издале решенија за забрана на увоз и враќање на пратки во земјата на испраќање и дека кивито за кое станува збор е од Грција, кое е повторно извезено од Македонија.

Вкупната количина на индустриски киви што е вратена во Македонија, како што тврдат, е 68 тони.

„Причината за донесување на горенаведените одлуки е тоа што за време на редовните фитосанитарни инспекции на овие пратки е утврдено присуство на единки од медитеранската овошна мушичка (Ceratitis capitata), која е на листата на карантински штетни организми и не е присутна на територијата на Србија“, се додава во соопштението, пренесуваат српските медиуми.

Српското министерство наведува дека ја информирало надлежната македонска служба за информациите што се појавија во српските медиуми и апелира до медиумите да „ги проверат наводите пред да ги објават информациите, со цел да се спречи ширењето на дезинформации и непотребното јавно вознемирување“.

Пред неколку дена, дел од македонските медиуми објавија дека поради променети органолептички својства и утврдено присуство на ларви и инсекти, инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, неделава забранил увоз на киви наменети за индустриска преработка.

-Станува збор за 22.340 килограми од овој вид овошје, увоз од Република Србија, за која пратка,  со органолептички преглед од страна на инспектор за храна, утврдено е дека истата не е безбедна за увоз и за понатамошна преработка. На увозникот издедено му е решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник, стои во соопштението на АХВ.