СДСМ го обвинува Деспотовски за дестабилизација и планира да го исклучи од партијата

„Деспотовски, член на СДСМ, дејствува како петтоколонаш, предавник одвнатре, во договор со членови на ВМРО-ЗНАМ, кои со заеднички сили се обидуваат да ја дестабилизираат партијата преку медиумска кампања, обидувајќи се да го ослабат СДСМ – токму во моментот на подем на партијата“, порачаа од „Бихаќка“ преку соопштение

од Nikola Popovski
72 прегледи Фото: Фејсбук/ТИРЗ

СДСМ информира дека доставиле барање до Централниот одбор на партијата за итно исклучување на членот и поранешен функционер, Јован Деспостовски од редовите на партијата. Го обвинуваат за соработка со членови на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ и со новинарот Бранко Героски за напади врз СДСМ.

Со исклучувањето на Деспотовски, тврдат од партијата, ќе се зачува интегритетот на СДСМ, „ќе се заштитат нашите демократски вредности и борбата за подобро општество и ќе се спречи понатамошна штета од петтоколонашите во нашите редови“.

„Јован Деспотовски, член на СДСМ, дејствува како петтоколонаш, предавник одвнатре, во договор со членови на ВМРО-ЗНАМ, кои со заеднички сили се обидуваат да ја дестабилизираат партијата преку медиумска кампања, обидувајќи се да го ослабат СДСМ – токму во моментот на подем на партијата.

Јован Деспотовски беше противкандидат на актуелниот претседател и загуби на внатрепартиските избори, а сега, од лични и финансиски интереси, ја урива партијата одвнатре, соработувајќи со сили што претставуваат современ еквивалент на фашистичките окупатори.

Соработката со Геро само еден пример. Овој „новинар“ за себе вели дека е „алфа анти-СДСМ“ и со тоа се фали во своите текстови. За партијата, за сегашни и поранешните функционери пишува навреди, дури вели: „ќе ги разбуцаат како бугарското собрание“, стои во соопштението од СДСМ.

Меѓу другото, од СДСМ „го споредуваат“ случајот на Деспотовски со, како што велат, историскиот пример на Видкун Квислинг, норвешки политичар за време на Втората светска војна, кој тајно соработувал со нацистичките окупатори, саботирајќи ја сопствената земја и партија одвнатре за да ја преземе власта како марионетски премиер.