„Искрено, после 30 години политички стаж најмалку очекував токму мојата матична партија да ме остави целосно без зборови и коментар“ – вака се уште членот на СДСМ и поранешен функционер, Јован Деспотовски ја коментира намерата на партијата за негово исклучување. Според Деспотовски, како што вели, во сите јавни настапи сум бил максимално умерен дури и во ситуации и за луѓе кои апсолутно заслужиле остар став.
-Ако таа умереност сега станува закана за актуелниот партиски врв тогаш СДСМ има многу поголем проблем отколку што и мислиме. СДСМ имала и ќе има многу поголеми личности од актуелниот претседател. И, никој од нив никогаш не се ставил над партијата, над нашето семејство. Тоа не е СДСМ, ниту некогаш ќе биде, посочува Деспотовски во својата објава.
Тој упатува и директна порака до лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Една лична порака за крај или за почеток – Венко, со една одлука не можеш, ниту ќе дозволам да избришеш 30 години работа, љубов и жртва“, стои во ставот на Деспотовски.
СДСМ денеска соопшти дека до надлежните органи на партијата, Централниот одбор, согласно Статутот на СДСМ доставува барање за итно исклучување на Деспотовски од партијата, поради, како што тврдат – дека тој во договор со членови на ВМРО-ЗНАМ се обидуваат да ја дестабилизираат партијата.
Во објавата на Фејсбук, насловена „Време е да го одвоиме житото од плевелот“, велат дека „Јован Деспотовски, член на СДСМ, дејствува како петтоколонаш, предавник одвнатре, во договор со членови на ВМРО-ЗНАМ, кои со заеднички сили се обидуваат да ја дестабилизираат партијата преку медиумска кампања, обидувајќи се да го ослабат СДСМ – токму во моментот на подем на партијата“.
Посочуваат дека целата акција била спроведена поради вртоглавиот пад на поддршката од граѓаните за коалицијата ВМРО-ЗНАМ, откако, како што велат, на виделина излегле тајните планови за „мигранти за пари“, изолацијата на Македонија и криминалните активности што ги објавил нивниот партиски АКТ.
Објавата на поранешниот функционер се толкува како уште еден јавно изразен знак за внатрепартиските тензии во СДСМ, во период кога партијата се соочува со сериозни предизвици, внатрешни преиспитувања и пад на довербата кај дел од членството и јавноста.