ЗНАМ за новата „бомба“ на СДСМ: Немаме никаква поврзаност, Петровски не е носител на партиска функција

-Тој (Сашо Петровски) и во минатото има сериозно професионално портфолио во оваа сфера во одржувањето на приватни компании, но и државни институции, соопштија од ЗНАМ за обвинувањата околу тендерот во „Пошта“

од Nikola Popovski
32 прегледи Фотo: ЗНАМ

Во врска со дeнешната прес конференција на СДСМ, а во однос на тендерската постапка на хигиеничарски услуги во ЈП „Македонски пошти“, партијата ЗНАМ ја информира јавноста дека нема никакво партиско-политичко влијание во ниту една ваква постапка. Според партијата, точно е дека господинот Сашо Петровски бил носител на советничката листа за општина Кисела Вода, но не е носител на било каква партиска функција.

-Тој е приватен стопснственик кој долги години се занимава со бизнис за одржување на хигиеничарски услуги во приватниот сектор и во минатото има сериозно професионално портфолио во оваа сфера во одржувањето на приватни компании, но и државни институции. Што се однесува до конкретниот случај, несакајќи да навлегуваме во материјална дискусија, доколку било кој надлежен орган утврди било каков конфликт на интерес, прекршување на постапката или прекршување на законите, ги повикуваме надлежните да постапат согласно законската норматива, велат од ЗНАМ и додаваат дека, во спротивно секој го има демократското право да води сопствен бизнис и да учествува на јавните конкурси.

-Движењето ЗНАМ се оградува од било каква инволвираност во ваквите случаи, децидни се од партијата.

Претходно во текот на денот, СДСМ објави нова „бомба“ поврзан со тендери, а како што посочија, доказите стигнале до нив од свиркачи преку платформата МИЦКО.мк. Соопштија дека „Фирмата БС Клининг увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, основана на 10 јули 2024 година, добила тендер во вредност од 1,2 милиони евра од Пошта на Северна Македонија“.

Во моментот на аплицирање, како што рекоа од СДСМ, оваа фирма не ги исполнувала основните услови наведени во тендерската документација.

„Немала минимум три претходни договори за хигиенско одржување, немала најмалку 50 вработени, не остварувала годишен приход од најмалку 100 000 евра во последните три години. Па дури и немале техничка опрема. И покрај овие недостатоци, фирмата сепак била избрана. Како? Со тоа што во групната понуда се појавува подизведувачот „Серта“, компанија со долгогодишно искуство во областа на хигиената. Сомнително? Само дваесетина дена откако фирмата го добива милионскиот тендер од Пошти, на 24 ноември 2025 година, нов сопственик станува Сашо Петровски. Како фирмата да била основана исклучиво за да го добие тендерот. Сопственикот се менува непосредно по изборот на тендерот. Но, извесен Сашо Петровски е советник од ЗНАМ во Општина Кисела Вода. Дали е истото лице што мислите? Фирма поврзата со ЗНАМ“, соопштија од опозициската партија на прес-конференција.