Лидерот на Демократската партија на Албанците во Македонија, Мендух Тачи во својот говор на завршната годишна конференција на партијата, одржана во Тетово, зборуваше за положбата на Албанците и иднината на државата.
Тачи нагласил дека Македонија нема да напредува и нема да има стабилност и одржлив развој сè додека Албанците не ги уживаат сите права што се нивни и што ги имаат другите заедници во земјата.
Според него, целосната рамноправност не е привилегија, туку фундаментален предуслов за функционирање на демократска и мултиетничка држава.
„Сè додека Албанците се третираат како граѓани од втор ред, оваа држава не може да има социјален мир, економски просперитет или европска перспектива“, изјавил Тачи, додавајќи дека структурните проблеми продолжуваат да остануваат нерешени и покрај бројните ветувања во текот на годините.
Тој остро ги критикувал државните институции за нецелосно спроведување на уставните и законските права на Албанците, наведувајќи ја недоволната застапеност во клучните институции, употребата на албанскиот јазик, како и дискриминацијата во вработувањата и регионалниот развој.